Третата доза ќе биде со „Фајзер“, без разлика која вакцина е претходно примена

Вакцинација/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Комитетот за имунизација на РС Македонија објави нови препораки сите граѓани во земјава постари од 60 години, за сите здравствени работници, независно од возраста и за сите имунокомпромитирани пациенти да примат трета доза вакцина. Препораката важи за сите граѓани од овие три категории, без разлика на тоа дали прележале или не ковид-19 во минатото.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека третата доза вакцина засега се препорачува да биде исклучиво од производителот „Фајзер“.

– Се препорачува третата доза да ја примат граѓаните најмалку по шест месеци од втората доза. Кога ќе истечат шесте месеци, ќе добијат СМС-порака да примат трета доза преку системот „Мој термин“. Која било вакцина да ја примиле претходно, можат да се вакцинираат со трета доза – рече Филипче.

Граѓаните што се вакцинирале во странство треба со физичко присуство на еден од пунктовите за вакцинација да се пријават дека примиле вакцина за да бидат внесени во системот.

За првпат во земјава наскоро ќе се даваат вакцини од производителот „Џонсон и Џонсон“. Станува збор за донација од Данска од 250 илјади вакцини со рок на траење до 2023 година.

Во земјава досега се дадени вкупно 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани. Заинтересираните и без закажан термин можат да се вакцинираат во постојните вакцинални пунктови. Децата од 12 до 18 години се вакцинираат со согласност на родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување и смртен исход, велат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот