Трета доза вакцина за лица со хронични болести во Србија

Вакцинација / Фото: EPA-EFE/Liselotte Sabroe DENMARK OUT

Препораката за трета доза се однесува за лица со состојба на имунодефициенција и хронични заболувања, кои се поврзани со имунитетот, првенствено луѓе што имале трансплантација на органи, оние што се на хемодијализа и лица со малигни заболувања

Српскиот кризен штаб за сузбивање на коронавирусот одлучи на граѓаните со одредени болести да им препорача да примат трета доза од вакцината против ковид-19, јави МИА од Белград. На седницата не биле усвоени нови мерки за контрола на коронавирусот.

Министерката за труд Дарија Кисиќ Тепавчевиќ изјави дека препораката за трета доза се однесува за лица со состојба на имунодефициенција и хронични заболувања, кои се поврзани со имунитетот.

– Тоа се првенствено луѓе што имале трансплантација на органи, оние што се на хемодијализа, лица со малигни заболувања – изјави Кисиќ-Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Таа додаде дека првата доза на вакцината досега ја примиле 49,7 отсто од полнолетните граѓани, односно над 2,6 милиони луѓе, додека 2,5 милиони ги примиле двете дози, што „не е доволно за да се спречи ширењето на болеста“.

– Апелирам до сите граѓани што не го сториле тоа да се вакцинираат, а тоа се првенствено младите – изјави министерката. Таа додаде дека се вакцинирани едвај една петтина од граѓаните помлади од 30 години.

На прашањето дали се размислува за воведување задолжителна вакцинација, барем за одредени групи, Кисиќ-Тепавчевиќ кажа дека секоја санкција ќе биде „безвредна“ во споредба со самата болест.

– Сигурно нема полоша казна од фактот да се разболиме – кажа таа и повтори дека сите истражувања покажале дека вакцините се многу ефикасни и безбедни.

Кисиќ-Тепавчевиќ додаде дека може да се избегне нов есенски бран од пандемијата ако се вакцинираат најголемиот број луѓе што досега не го сториле тоа.

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ објави дека третата доза од нејзината вакцина за ковид-19 може за дури 100 пати да ја зголеми заштитата од сојот делта, кој забрзано се шири низ светот.

– Третата доза значително ги подобрува податоците за неутрализирање на варијантата делта. Очекуваниот потенцијал е зголемување до 100 пати во неутрализација на варијантата делта по приемот на третата доза – се наведува во студијата.

Покрај тоа, „Фајзер“ забележува дека по инјектирање на третата доза на вакцината кај луѓе на возраст од 18 до 55 години бројот на антитела се зголемува повеќе од 5 пати, а кај луѓе на возраст од 65 до 85 години дури 11 пати.

Шефицата на американските Центри за контрола и превенција на болести Рошел Валенски минатата недела соопшти дека од сојот делта сега се 83 отсто од новите зарази со ковид-19 во светот, што е за 50 отсто повеќе од почетокот на јули.

Во Црна Гора од ковид-19 починале две вакцинирани лица

Две целосно вакцинирани лица во Црна Гора починале како резултат на коронавирусот, изјави епидемиологот од Институтот за јавно здравје Милена Поповиќ-Самарџиќ.

Таа пред Комитетот за здравство, труд и социјална заштита истакна дека не испратиле лажни пораки дека вакцинацијата обезбедува стопроцентна заштита.

– Во некои групи, какви што се постари лица со послаб имунитет, можеме да очекуваме недостаток на имунолошки одговор како при овие два случаи. Вакцинацијата сепак обезбедува висок степен на заштита, над 90 проценти од потешка форма на болеста и фатален исход – изјави Поповиќ-Самарџиќ.

Таа наведе дека ИЈЗ верува дека во Црна Гора веќе е присутен сојот делта, кој покажува малку поголема отпорност на вакцините во споредба со другите соеви.

„Вашингтон пост“: Задолжителна вакцинација за сите во федералните служби на САД

Американскиот претседател Џо Бајден ќе нареди обврзувачка вакцинација за сите вработени во федералната влада, најави весникот „Вашингтон пост“.

– Широко наметнатите мерки за вакцинација би ги притиснале властите и приватниот сектор да воведат пасоши за вакцинација, по примерот на многу држави во Европа – пишува весникот.

Центрите за контрола и превенција на болести претходно препорачаа повторно носење маски во затворени простории во сојузните држави во кои поотпорниот сој делта се шири забрзано поради малиот број целосно вакцинирани лица

Најниска стапка на вакцинација во САД има во Алабама, каде што само 34,1 отсто од возрасните се целосно вакцинирани, а стапката на вакцинација е пониска од 40 отсто и во Мисисипи, Вајоминг, Арканзас, Луизијана, Џорџија и Ајдахо.

Четврти бран низ Франција

Четвртиот бран на пандемијата на коронавирусот се прошири во сите региони на Франција, соопшти владиниот портпарол Габриел Атал.

– Санитарната состојба продолжува да се влошува. Четвртиот бран на пандемијата ја зафати цела Франција – изјави Атал.

Тој истакна дека „речиси сите региони се во црвената зона“ во однос на стапката на ширење на болеста. Во вторникот биле регистрирани речиси 27.000 нови случаи, а во изминатите седум дена просечно имало по 19.000 новозаразени.

Атал, сепак, забележа дека нема толку случаи за кои е нужна хоспитализација, во споредба со претходниот бран. Портпаролот оцени дека товарот врз здравствениот систем е намален поради масовната вакцинација на населението.

Јапонија е пред најсериозната ситуација

Јапонија се соочува со најсериозната ситуација од почетокот на пандемијата на ковид-19, изјави главниот советник на владата за медицински прашања Шигеру Оми.

Во Токио, кој е домаќин на Олимписките игри, завчера биле регистрирани 3.177 нови случаи на коронавирус, што е рекорден број втор ден по ред. На национално ниво, новите случаи првпат го преминаа прагот од 9.500.

Оми ја повика владата да испрати „посилна и појасна порака“. Тој истакна дека вакцинирањето може да го спречи ширењето на вирусот, но многу други фактори се закануваат да предизвикаат забрзано ширење на заразата – појавата на варијантата делта, исцрпеност на општеството од ограничувања, како и Олимписките игри.

Само 26,5 проценти од Јапонците досега се целосно вакцинирани.

Рекорден број новозаразени во Сиднеј

Најголемиот град во Австралија, Сиднеј, забележа рекорден дневен раст на нови инфекции со коронавирус – во средата биле регистрирани 239 нови случаи. Главната причина за комплицираната епидемиска ситуација е новата варијанта делта.

Австралиските власти ги зголемија овластувањата на полицијата, што им овозможува да ги затвораат продавниците што не работат во согласност со антиепидемиските мерки.

Повеќе од два милиони жители во осум жаришта во Сиднеј сега ќе треба да носат маски на отворено и не смеат да бидат повеќе од 5 километри оддалечени од своите домови. Сиднеј е во петтата недела од продолжената деветнеделна блокада, која треба да заврши на 28 август.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот