Трет и последен ден расправа за Предлог-законот за попис, се очекува гласање до крајот на денот

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Во Собранието трет ден се води расправа за Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. И третиот ден од расправата, како и претходните два дена, измина со спротивставените ставови на владејачкото мнозинство и опозицијата, главно околу тоа дали на земјава токму оваа година и е потребен попис и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.

Пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да спречи одржување на попис согласно меѓународните стандарди и практики.

– Целосно е нејасно зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат за законот, освен ако целта не им е намерно да го проблематизираат одржувањето на пописот со цел државата и натаму да нема податоци кои се важни за креирање на среднорочни и долгорочни политики и стратегии, рече Тасевска.

Таа потенцира дека државата веќе 19 години е без попис, а последниот попис во 2011 година не успеал токму поради „неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ”.

– Денес оваа партија повторно ја политизира оваа важна статистичка операција. Во Собранието, пред нас пратениците е законот за попис на населението, закон со кој се отвора простор оваа пролет да спроведеме попис согласно меѓународните стандарди, согласно прописите на Евростат. СДСМ има договор со граѓаните да спроведе попис кој ќе обезбеди точни и релевантни податоци, нагласи Тасевска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски рече дека се работи за лош закон, кој остава простор за манипулација и е контрадикторен.

– Трет ден апелираме овој закон да се повлече, да се даде на доработка, за да донесеме еден издржан закон за попис, кој ќе биде донесен со широк општествен консензус, истакна Велјановски.

Пратеничката на ДУИ Арта Биљали-Зендели рече дека законот е подготвен со почитување на меѓународните стандарди и врз основа на препораките на ОН. Таа истакна дека во развиените држави граѓаните се повикуваат да учествуваат во пописот, а не на бојкот.

– Граѓаните треба да бидат вклучени во процесот на пописот, а не да се повикуваат на бојкот пред да почне тој. Според регулативата 763/2008, периодичните податоци на граѓаните се релевантни и битни за развојните програми, рече Биљали-Зендели.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи и на пратеничката Биљали-Зендели, истакнаа дека не повикуваат на бојкот, туку бараат повлекување на законот и негова доработка. Тие тврдат дека со пописот ќе се попишуваат граѓани кои не живеат во државата, а со тоа, според нив, ќе се дадат погрешни резултати, со што погрешно ќе се планираат и распределуваат инвестициите за развојот на различните региони.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и даде пауза до 15 и 30 часот. Тој рече дека расправата ќе продолжи до исцрпување на дебатата. За говор се пријавени уште осум дискутанти и се очекува до крајот на денов пратениците да гласаат за усвојување на Законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот