Тренерот на Голден Стејт ја нападна Владата на САД: Со лаги не носат во нова непотребна војна

EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

Стив Кер е еден од малкутемината тренери во професионалните спортови во САД, кои не се плашат да го искажат своето мислење и да ги критикуваат постапките на Владата во САД.

Минатата недела, на директна заповед на претседателот на САД, Доналд Трамп, во близина на аеродромот во Багдад,беше убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани, со што се зголемија тензиите и можностите од нова војна на Блискиот Исток.

На Стив Кер не му се допаднаа лагите на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој рече дека Сулејмани бил вмешан и во нападите на 11 септември 2001 година, и за тоа веќе се огласи на социјалните мрежи.

„Во животот научив дека не треба да и верувате на нашата влада кога станува збор за војната. Џонсон и Никсон лажеа за Виетнам, Буш и Чејни лажеа за постоењето на оружје за масовно уништување во Ирак, а сега Пенс лаже за учеството на Иран и Сулејмани во нападите на 11 септември“, напиша Кер кој потоа и пред новинарите ги објасни причините за неговиот акт против евентуална нова војна на САД.

– Следам се што се случува во светот бидејќи тоа ме интересира. Се грижам дека ќе завршиме во уште една војна. Го користам Твитер за да ги предупредам луѓето да си ја завршат домашната задача пред сите слепо да почнеме да мавтаме со знамињата и да влеземе во уште една мешаница како во Ирак. Пред таа војна се сеќавам дека во НБА владееше патриотска грозница.

Ние во НБА по таа војна правиме одлична работа, ги поддржуваме воените ветерани, ги носиме на натпревари каде што добиваат овации и тоа е нешто што потполно го поддржувам. Но уште поголема поддршка би била доколку не се мешаме и не праќаме војници во непотребни војни. Кога зборуваме за војните во Виетнам или Ирак, владата го лажеше народот, фактите не беа факти и мораме да бидеме внимателни кога нешто ни зборуваат.

Доколку не однесат во нова војна, ќе има последици за многу семејства. Мораме да сфатиме што се случува и да ги поддржиме нашите војници така што ќе правиме притисок врз нашата влада да ја направи вистинската работа – изјави Кер.

Стив Кер е роден во Либан и добар дел од детството го помина на Блискиот Исток. Неговиот татко работеше како претседател на американско средно училиште во Бејрут кога бил убиен од исламски џихадисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот