Тренерот кој го создаде Феререр открива: На стартот беше многу мрзелив

Петер Лундгрен му беше тренер на Швајцарецот на почетокот од кариерата и му помогна да го освои првиот грен слем трофеј.

Рожер Федерер е најтрофеен тенисер во историјата со 20 грен слем титули, една повеќе од Надал и три од Ѓоковиќ, а за прв пат шампионскиот пехар го крена во 2003 година кога триумфира на Вимблдон.

Негов тренер во тие времиња беше Швеѓанецот Петер Лундгрен, кој открива дека триумфот во 2003 година беше клуч за понатамошни успеси, но истовремено открива дека Федерер на почетокот од кариерата беше мрзелив.

– Никогаш не е лесно да се работи со тенисерите. Во тоа време Федерер беше многу талентиран, но и мрзелив, имаше проблеми со концентрацијата и физички не беше најдобро подготвен. Но, Рожер отсекогаш сакаше да биде најдобар. Тој е личност со која е тешко да се работи, но има големо срце и е добар човек. Многу брзо созреа и стана најголемиот тениски амбасадор на денешницата – вели Лундгрен за „Тенис Бразил“.

Според Швеѓанецот, пресвртница во кариерата на Федерер е смртта на неговиот тениски „татко“ Питер Картер кој во 2002 година загина во сообраќајна несреќа во Јужна Африка.

– Рожер беше дијамант кој требаше да се избруси и исполира. Питер Картер и јас го донесовме Федерер на врвот. Сакав Питер да биде со нас кога Рожер за прв пат триумфира на Вимблдон. Смртта на Питер тешко го погоди Рожер, но во исто време му даде сила и мотивација да го исполни сонот за кој и двајцата сонуваа, триумф на Вимблдон – вели Лундгрен кој го тренираше Федерер до крајот на 2003 година.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот