Тренд на намалување на новозаболени од ковид-19 во земјава

Луѓе и лекари пред инфективна амбуланта на клиника - корона пандемија (25)
Луѓе и лекари пред инфективна амбуланта / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Додека процентот на новозаболени од ковид-19 во повеќе држави од Европската Унија се зголемува, Северна Македонија и дел од земјите во Западен Балкан бележат намалување на заразени со коронавирусот.

Институтот за јавно здравје објави дека минатата недела во однос на претходната, забележано е намалување од 17,3 отсто заболени од ковид-19, а заклучно со вчерашниот ден вакцинирани се 828.770 граѓани. ИЈЗ, минатата недела регистрирал 2.275 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, а процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 19 отсто, просечно 13,1 отсто.

Од направени се 2.744 тестирања во текот на вчерашниот ден, регистрирани се 375 нови случаи на ковид-19, а девет лица починале од вирусот. Регистрирани сe 507 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство. Во Скопје регистрирани најмногу, односно 180 позитивни на Ковид, а најмалку, по еден, во Неготино, Крушево и Пехчево.
Од починатите, три лица се од Скопје (87г, 78г и 62г) и по еден починат од Кавадарци (60г), Струга (83г), Струмица (72г), Кочани (59г), Штип (73г) и Свети Николе (86г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.775, бројот на оздравени пациенти е 204.474, на починати е 7.674, а бројот на активни случаи изнесува 5.627.
Регионалниот директор на СЗО за Еврпа Ханс Клуге вчера информираше дека еден од десет луѓе во европскиот регион на СЗО ќе биде заразен со Ковид-19 до крајот на оваа недела. Тој рече дека миниатиот месец предупредиле дека до почетокот на 2022 година би можеле да бидат загубени уште половина милион животи доколку не преземеме итни мерки.
-Помина еден месец и починаа уште 120.000 луѓе, а во регионот има уште 10 милиони случаи на Ковид-19. До крајот на оваа недела, секој десетти човек во европскиот регион ќе биде заразен со Ковид-19, што ќе биде потврдено со лабораториски тестови, порача Клуге.
Нагласи дека со наближувањето на крајот на годината и сезоната на празници, смртните случаи регистрирани од Ковид-19 достигнаа високо ниво од околу 4.100 смртни случаи дневно, што е двојно повеќе од 2.100 смртни случаи на ден од пред два месеца. Пред само две недели, вкупниот број на смртни случаи од Ковид-19 во 53 земји во регионот надмина 1,5 милион.
Доктор Ентони Фаучи / Фото: EPA-EFE/KEVIN DIETSCH / POOL
Откако главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи, вчера изјави дека иако има брзо ширење на омикрон сојот на коронавирусот и дека првите индикации покажуваат дека тој е помалку опасен од делта сојот, британскиот производител на лекови „Глаксо Смит Клајн” (Glaxo Smith Kline) соопшти дека неговиот лек „Сотровимаб” односно терапија против Ковид-19 заснована на антитела, е ефикасна против сите мутации во новата варијанта на коронавирус – Омикрон.
Резултатите од студијата, кои допрва треба да бидат разгледани и објавени во рецензирани медицински списанија, сугерираат дека третманот со Сотровимаб е ефикасен против сите 37 мутации досега идентификувани на шилестиот протеин, се вели во изјавата на „Глаксо Смит Клајн”.

Друг претклинички резултат од истражување спроведено минатата недела покажа дека лекот делува против клучните мутации во варијантата омикрон.

Сотровимаб беше дизајниран да се врзува за шилестиот протеин на површината на коронавирусот, но беше откриено дека Омикрон има невообичаено голем број мутации во тој протеин.

Од омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Сѐ уште доминантен останува делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствениот реален излез од пандемијата.

Новиот сој омикрон вчера за првпат беше потврден на Балканот. Поточно, станува збор за двајца пациенти од Хрватска кои се инфицирале со новиот сој, а притоа не престојувале во Јужна Африка, но биле на состаноци на кои имало гости од странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот