Тренчевска: Намерата на Владата е во период на пандемија и економска и енергетска криза да им помогне на што поголем број граѓани

Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика / Фото: Фронтлајн.мк

Системот на социјална заштита со реформите од 2019 година е така направен да може да ги апсорбира сите граѓани коишто се наоѓаат во социјален ризик, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во интервју за Радио Слободна Европа.

Таа информираше дека бројот на приматели на Гарантирана минимална помош (ГМП) во период од почетокот на пандемијата досега е зголемен за илјада граѓани – кои останале без работа или на друг начин ги изгубиле приходите и се нашле во ризик.

Според Тренчевска, даваат резултати реформите од 2019 година, со измената на Законот за социјална заштита,  и тие се насочени  кон потребите на граѓаните.

Во врска со новите мерки на Владата, меѓу кои примателите на ГМП добиваат дополнителни  1.000 денари за три месеци за купување на основните производи за исхрана и дали е доволно, министерката посочи дека покрај оваа помош, овие корисници користат и 1.000 денари за покривање на трошоците за енергенси.

-Намерата на Владата е во период на ковид-криза, во период на економска криза, да покрие што поголем број граѓани. Во таа насока се и мерките што се носат и за примателите на Гарантирана минимална помош, мерките за финансиска поддршка што се носат и за пензионерите и сите оние останати мерки од пакетот на новите 26 мерки со кои сакаме да допреме и до граѓаните и до компаниите, рече Тренчевска.

Таа посоќи дека со реформите од 2019, надоместот на Гарантирана минимална помош, претходно социјална помош, е зголемен за  околу 300 проценти.

-Четиричлено семејство во моментот со деца во школска возраст или во предучилишна возраст, примаат надоместок  од околу 11.800 денари, плус надомест од 1.000 денари месечно за енергенси и дополнително овие 1.000 денари што сега ќе ги даваме три месеци. Значи, по 13-14 илјади денари  едно семејство што е материјално необезбедено и  е во социјален ризик добива од државата за да може да ги обезбеди основните потреби во текот на еден месец, рече Тренчевска.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот