Тредичи пратеници утре ќе ја „решат“ Јанева

Тринаесет пратеници утре ќе одлучат за професионалната, но и за личната иднина на специјалната обвинителка Катица Јанева, кога со својот глас во собраниската Комисија за избори и именувања ќе одлучуваат за предлог за нејзиното разрешување од функцијата шефица на Специјалното јавно обвинителство. Пратеникот и претседател на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски вчера најави дека седницата на комисијата ќе ја закаже за в четврток во 12 часот, а претходно ќе побара Советот на јавни обвинители да ја тргне ознаката „строго доверливо“ од нивниот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување на Јанева.

Димовски: Има индиции за постапување против Јанева

Димовски вчера го кажа својот личен став дека седницата на собраниската комисија треба да биде отворена за јавноста, со присуство на новинарите, но одлуката за тоа треба да ја донесе самата комисија.

– Согласно со Законот за СЈО, во делот за разрешување на специјалниот обвинител во член 18 е наведено дека извештајот на Советот на јавни обвинители ќе биде достапен за јавноста преку собраниските комисии, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на целиот или на дел од извештајот. Тоа значи дека одлуката за тајност не ја носи Советот на јавни обвинители, туку комисијата и затоа јас со писмо ќе побарам од новиот претседател на Советот, Ацо Колевски, да го декласифицира извештајот. Треба да ја запазиме процедурата, затоа што според Законот за класифицирани информации ознаката за тајност на некој документ може да ја симне само органот што ја ставил. Потоа пратениците во комисијата со двотретинско мнозинство ќе одлучат дали извештајот ќе биде јавен или не – рече Димовски и додаде дека Советот извештајот го доставил во Собранието на 30 август како некласифициран, а информацијата дека е класифициран ја доставил на 31 август.

Тој објасни дека од 13 пратеници во Комисијата 10 имаат безбедносен сертификат за класифицирани информации, а од 13 заменици исто така 10 имаат сертификати, што значи дека може да се донесе одлука. Ако разгледувањето на извештајот сепак остане тајно, тогаш сите останати пратеници кои не се членови на Комисијата, а имаат безбедносни сертификати ќе може да присуствуваат на седницата и да ја видат содржината на извештајот.

Предлог-одлуката за разрешување на Јанева, Комисијата за избори и именувања треба да ја донесе со обично мнозинство. Според процедурата, предлогот потоа ќе се разгледува на пленарна седница на Собранието, но претходно комисијата треба да обезбеди и согласност од четирите најголеми парламентарни партии. Димовски најави дека ќе побара информација од спикерот Талат Џафери кои се четирите партии со најголем број пратеници за да добие согласност и од нив.

– Потоа пратениците со двотретинско мнозинство – 80 гласа – вклучително и Бадентер, ќе треба да го изгласаат предлогот што ќе го утврди собраниската комисија. Пратениците на пленарната седница нема да го разгледуваат извештајот од Советот на јавни обвинители, туку тие ќе го разгледуваат само предлогот на Комисијата за избори и именувања – објасни Димовски.

Тој рече дека досега само тој и Џафери го виделе извештајот на обвинителите и од она што го видел „има и повеќе од доволно индиции за постапување“.

– Има висок степен на јавен интерес и јавноста треба да биде вклучена во процесот. На тој начин ќе се зголеми довербата на граѓаните во Собранието и во правосудниот систем – рече Димовски.

Калајџиев: Предметите на СЈО ќе бидат во прекин

Мандатот на Јанева истекува на 15 септември, а според експертите, со оставката или со разрешувањето на Јанева и целото СЈО „оди во стечај“. Судбината на предметите што се во суд, како и за оние што се во истрага, се очекува да се решат со новиот предлог-закон за Јавното обвинителство кој е во собраниска процедура, но за кој сè уште не е постигнат договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Професорот Гордан Калајџиев за „Слободен печат“ вели дека предметите на СЈО во судовите ќе бидат стопирани се додека не се најде решение.

– Катица Јанева си оди или со оставката или со разрешување поради несовесно работење или со истекот на мандатот. Со неа си одат и сите помошни обвинители. Предметите што ги води СЈО ќе бидат во прекин се до изборот на ново СЈО и нов тим обвинители. Новото СЈО веројатно ќе задржи некој заради континуитет. Ако пред тоа биде усвоен новиот закон за Јавно обвинителство во него може да биде предвидено предметите на СЈО да ги преземе ЈО за гонење организиран криминал и корупција, што не е многу издржано – вели Калајџиев.

Обвинителката Јанева веќе две седмици е во притвор како третоосомничена во аферата „Рекет“, под сомнение дека учествувала заедно со Боки 13 и Зоран Кичеец во изнудата на 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев, кои му ги зеле со уверување дека ќе му биде олеснета постапката во истрагата „Империја“ што против него ја води СЈО. Додека таа е во притвор, во судовите секојдневно се одложуваат судењата по предметите на специјалното обвинителство. Вчера беше одложено судењето за предметот „Траекторија“ за 16 септември, откако одбраната побара прекин на рочиштето се додека Советот на јавни обвинители и Собранието не се произнесат за разрешувањето на Јанева. Адвокатот на одбраната Еленко Миланов посочил дека застапникот на обвинението, обвинителката Лиле Стефанова е и сведок против нејзиниот властодавец Јанева во случајот „Рекет“, што е доволна основа Стефанова да биде изземена од предметот „Траекторија“.

Во меѓувреме партиските преговори за законот продолжуваат. Поради скратените рокови законот се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на Македонија.

СЈО: Сè додека не биде разрешена, Јанева е специјален обвинител

Во Специјалното јавно обвинителство, како и целата јавност, исчекуваат што ќе се случи со нивната шефица Катица Јанева и со новиот закон за ЈО. Оттаму велат дека во моментов статусот на Специјалното јавно обвинителство е законски определен и е непроменет, а специјалната обвинителка Катица Јанева не е разрешена, ниту осудена.

Во врска со иднината на судењата за повеќе предмети на СЈО кои се во тек, како „Траекторија“, „Титаник“, „ТНТ“, „Монструм“, „Шпион“, „Талир“ и други во СЈО за „Слободен печат“ велат дека „законот не е прецизен, секој коментар би бил наше видување, затоа ќе се воздржиме од одговор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот