Треба вакцина и за економијата

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Министерот за економија Крешник Бектеши најде „спас“ – туристичките капацитети ќе се развивале така што Владата нема да се впушти во билатерални разговори со грчката во врска со патувањата меѓу двете земји. Не можам да поверувам дека ваква изјава може да даде министер!

Се чини дека надвладеа разумот во Клубот на пратениците. Заев и Мицкоски се договорија да се одложи пописот за побезбедни времиња, се договорија и за тоа како да се одблокира Собранието, а со многу демократски оптимизам беше најавено дека ќе се разговара и со Алијанса-Алтернатива за измените во Законот за државјанство за да се одблокира законодавниот дом, кој е затрупан со амандмани.

Оваа ронка здрав разум е и надеж за економијата. Се отвора простор за законите од економските пакети, но се создава некоја основа и за идни пакети, ако ги има, а треба да ги има со оглед на здравствената состојба, за да не заглават во законските процедури низ собраниските ходници.

Знам дека звучи преоптимистички, но сакам да верувам дека здравиот разум ќе почне да се пројавува во сите сфери, дека повеќе ќе се мисли на задачите и на одговорностите што ги носат одредени функции, отколку за партиските игри, местењето тендери, криењето податоци. Иако сѐ уште повеќе декларативно, но таа борба почна преку вицепремиерот задолжен за борба против криминалот и корупцијата Љупчо Николовски – и самото негово назначување треба нешто да значи…

Ако почнат работите да се доведуваат во ред (со една голема задршка, со големо АКО) има шанси да ја „вакцинираме“ и државата и економијата. Ако не, тогаш никој нема да може да ни помогне. Короната тоа најдобро ни го покажа. Кај нас дури сега почнува процесот на масовна вакцинација. Се загубија човечки животи, се загуби драгоцено време, уште повеќе се продлабочи економската криза. И во целата ова ситуација се измери зголемен коефициент на нееднаквост!  Но, нека не заборават работодавачите дека еден ден кога пандемијата ќе помине, кога ќе се отворат границите, пак ќе се пее истата песна: младите си заминуваат од земјава. А, и како да не си заминуваат кога Законот за работни односи е главно на хартија (дури и оној многу критикуваниот со еден куп поволности за работодавачите), кога инспекторите немаат капацитет да ги контролираат фирмите, кога се работи прекувремено без пари, кога половина држава работи по 6 дена неделно по 8 часа, кога сѐ уште за раководни функции во државава кои треба да ја влечат напред, главно место заземаат партиски кадри место професионалци и кога сѐ ова, во пандемијата, уште понагласено функционира во негатива!

Сепак, министерот за економија Крешник Бектеши „најде спас“ за туризмот, кој е во негова надлежност. Вели дека ќе се развивале нашите туристички капацитети, така што нашата Влада нема да се впушти во билатерални разговори со грчката во однос на патувањата помеѓу двете земји. Дури и да си мислат така од Владата, дури и да е тоа нивниот лек за нашиот туризам, јас сѐ уште не можам да поверувам дека ваква изјава може да даде еден министер!

Разумот од Клубот на пратеници сега е повеќе од потребен од секој министер, од секој директор, од секој административен службеник. Она што големите економисти го кажуваат дека светот по пандемијата нема да биде ист, не е обично „филозофирање“. Знаат тие зошто тоа го кажуваат. Ако сега немаме доволно памет и разум (а досега тоа не го покажавме), нема со кого да се остварува ни оној економски раст од фискалната стратегија на Фатмир Бесими, ни овој домашен туризам од Крешник Бектеши

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот