Треба ли нешто да се смени за пациентите да не доаѓаат во болница доцна?!

Скопје, окомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Високата смртност од коронавирусот во Македонија, повторно го отвора прашањето за начинот на лекувањето на полесните случаи и дали нешто треба да се промени во протоколите, за оние што се лекуваат дома да не дојдат до влошување на состојбата и доцна хоспитализација.

Токму доцната хоспитализација повеќекратно од здравствените власти беше наведувана како причина за високата смртност, но од друга страна пак, хоспитализацијата во Македонија се спроведува само ако пациентот е во поодмината фаза на симптомите и ако има потешки симптоми.

Нашите извори од Здравствен дом Скопје, од праксата со која што се соочуваат, бидејќи сомнителните или пациентите со потврден ковид поминуваат низ нивни раце во итната помош, тврдат дека дијагностиката на пациентите ако не се хоспитализирани, се сведува на разговор, некогаш непотполен.

,,Ретко кој матичен го има прегледано пациентот. Секоја чест на ретките исклучоци. Делумно тоа е така поради преоптовареноста на инфективното одделение, а поголем дел заради непостоење на систем кој ќе овозможи дијагностика, барем рендген и лабораторија на потврдени или сомнителни пациенти за кои сепак можеби не е потребна хоспитализација но бараат иследување”, велат нашите извори од итната помош.

Матичен лекар од Скопје кој има приватна ординација, а чиј идентитет е познат на редакцијата пак, тврди дека кај него во ординација многу пациенти доаѓаат на второ мислење, зашто друг матичен лекар не ги прегледал.

,,Протоколот е по телефон да се лекува пациентот, но ако има симптоми треба да се прегледа матичен лекар и да го води понатаму или по проценка да го прати во болница. Но, на терен е хорор”, ни рече докторот.

Други извори од приватна болница пак, тврдат дека третманот во Турција бил комплетно различен од третманот во Македонија, а се базирал на антикоагулантни лекови, аспирин и клексан.  Антибиотикот што се препишува таму е Тазосин, а мониторингот на сатурацијата на крвта се правел постојано, а кога ќе паднел под 95 проценти веќе пациентот се поставувал на кислород. Во Турција според нашиот извор од приватна болница, тестовите не се веќе релевантни, туку клиничката слика на пациентот го одредува третманот.

-Значи нема претпоставка ,,кашлаш зашто пушиш” туку се прави компјутерска томографија на белите дробови и се следат крвните параметри.

Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Нико Беќаровски пак, предложи да се набават пулс оксиметри, кои ќе им се даваат на сите пациенти на домашно лекување, за да можат да видат самите дали сатурацијата им опаѓа и навремено да одат во болница.

-Покрај ова, би требало кај секој позитивен со клинички симптоми, меѓу третиот и петтиот ден да се направи лабораторија со точно дефинирани параметри. Во терапијата кај лесните форми нема никаков пропуст бидејќи таа се сведува на третман како кај секоја вироза, посочи доктор Беќаровски за ,,Слободен печат”.

Професорот Никола Пановски пак, напоменува дека во лекувањето кај нас се даваат премногу антибиотици.

-Многу антибиотици непотребно се препишуваат. Дури и пациентот сам си зема, а матичниот лекар му дава ако побара. Што се прави во болниците не знам, но бројките се поразителни, ни рече доктор Пановски.

И пациентите се жалат. ,,Прво ми рекоа кашлаш од цигарите. Ама си побарав антибиотик и добро е што го земав. Пиевме и Сумамед и веднаш ни стана подобро. Коските ме болеа, прво ми беше тешко не можев да одам. Ме болеше целото тело, главата, ми се повраќаше од јадење, ми тежеше главата. Наеднаш ми стануваше подобро, но за еден час повторно во бранови ми се појавуваа симптомите. Вирусот е чудовиште. Полошо нешто немам доживеано. А имам и коморбидитети, на инсулин сум, повредена ми е кичмата имам и невропатија на нозете од дијабетесот, ни изјави пациентка од Битола. Некои од пациентите со Ковид 19 дури и тврдат дека матичните лекари ги контактираат и ги следат за развојот на болеста и симптомите по Фејсбук.

-Лекувањето на далечина е смешки. Мене матичната ништо не ми даде. Јас и побарав Сумамед, и таа ми препиша. Витамини си набавив сама по препорака на пријател доктор. Матичниот секој ден ме прашуваше пет прашања, дали имам кашлица и дали исфрлам искашлок, дали имам температура, дијареа и дали сум омалаксана. Еден ден и кажав дека го загубив чувството за мирис и вкус, а таа ми рече дека го нема тоа прашање во алгоритамот. На крај ми се јави да ми каже дека ме нема повеќе на листата на позитивни. Дури и оздравени не сакаат да имаат никаков контакт со нас. Ми вели оди земи си го боледувањето, на шалтер ќе ти го оставам, вели новинарката Наташа Доковска од Скопје.

Министерството за здравство во своите протоколи посочува дека пациентите со лесна форма на болест, не мора да се хоспитализираат доколку нема опасност за брзо влошување, при што приоритет треба да се даде на нивната изолација.

,,Поради оваа причина, пациентите со благи симптоми кои немаат некое посериозно хронично заболување, како што се белодробни или срцеви заболувања, бубрежна инсуфициенција или имунокомпромитивни состојби, може да бидат згрижени и во домашни услови.

Матичниот лекар треба да биде вклучен во надзорот на здравствената состојба со следење на развојот на симптомите преку дневни телефонски повици и доколку е можно, преку посети во домот на пациентот”, пишува во упатството за лекување на пациентите со Ковид 19 со полесни симптоми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот