Треба ли ЕУ да се проширува?

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Нема карт-бланш за никого на патот кон ЕУ. Во Брисел така не се зборуваше пред дваесетина години. Затоа, тешко дека ќе може да се најде разумен одговор зошто речиси сите влегоа во европскиот клуб, а на некои тоа право сега да им биде одземено.

Многу, многу години ќе бидат потребни Украина да стане членка на ЕУ, смета шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, нагласувајќи дека шведската влада ја поддржува украинската ЕУ-кандидатура. Многу години, развлечени и долги што лесно преоѓаат и во децении.

За такво сознание дури не е потребен некаков посебно изострен поглед наназад. Броењето на годините, изедени од празни ветувања, се болно искуство што продолжува да го голта големиот европски ентузијазам. На кандидатката Македонија тоа ѝ е мошне добро познато.

Дури и најтврдокорните приврзаници на евроинтеграциите во последните години се изложени на неспорни тешкотии во обидите да се формулира јасен одговор на прашањето дали проширувањето на ЕУ треба да продолжи. Прашањето е чувствително, посебно сега со засилувањето на дискусиите околу аспирантските амбиции на Украина. Но какво би било суштинското значење на кандидатскиот статус за прием на Украина во ЕУ-членството, освен симболиката дека европското семејство не заборава никого, кога други кандидатки, како, на пример, Македонија, која направи тешки жртви за да се покаже како добар ученик на европскиот пат, со децении не се помрднува од мртвата точка пред портите на ЕУ?

Симболиката околу Украина и нејзината кандидатура е посебно впечатлива. Како што неодамна во интервју забележа еден бриселски дипломат, Европската комисија не заборавила дека Украина е единствената земја во Европа каде што се убиваат луѓе, „каде што се пука во луѓе затоа што мавтале со ЕУ-знамиња на улиците“. Со јасна алузија на настаните поврзани со протестите на плоштадот Мајдан во Киев во 2014 година.

ЕУ-знамиња се виореа и во други европски метрополи, но годините на чекање продолжуваа да множат. Турција ги започна преговорите во 2005 година, Црна Гора и Србија во 2012 и 2014 година, а на Македонија, која го доби кандидатскиот статус во 2004 година, дури не ѝ се овозможува ни да ги започне преговорите за членство. На последната досега примена ЕУ-членка, Хрватска, ѝ беа потребни десет години за да ги заврши преговорите.

Ќе има ли сега некаква „брза лента“ за Украина на патот кон ЕУ? Апсолутно не, се слуша од сите страни. И тоа не само затоа што францускиот претседател Макрон неодамна рече дека ќе бидат потребни две-три децении пред Украина да стане членка, додека германскиот канцелар Шолц од своја страна подвлече дека никој не треба да очекува некаков „скратен пат“. Нема карт-бланш на патот кон ЕУ.

ЕУ-членките се разединети во однос на определбата дали Украина да добие шанса со тоа што би ѝ се одобрил кандидатски статус. Прашањето е чувствително бидејќи од една страна сè уште постои јасно изразен „замор од проширувањето“ меѓу повеќе земји -членки, а од друга страна и затоа што во редот на чекање веќе стојат други земји, како Македонија и Албанија, кои одвај би можеле повторно да замижат и да ја проголтаат горчливата кнедла доколку би се дозволило да бидат претркани на европската патека од далеку понеподготвената Украина.

Макрон, кој ги блокираше Македонија и Албанија, барајќи да се воведе нова методологија за преговарање, сега тврди дека доколку би се примениле нормалните правила, тогаш Украина не би можела да добие кандидатски статус. Војната е причината, според Макрон, поради која се одмерува преземање на таков чекор.

Но, прашање е во колкава мера би била воопшто применлива „методологијата“ на Макрон на Украина, имајќи предвид дека во Украина корупцијата претставува исклучително тежок проблем, кој во услови на нереформирани институции само се продлабочува. Во Европа, според „Транспаренси интернешенал“, единствено Русија е покорумпирана земја од Украина.

Инаку, брзата лента, која во периодот на претходниот претседател на Европската Комисија, Јункер, требаше да трае пет години, потоа лесно беше продолжена до 2030 година, а Макрон сега веќе се изразува во децении. За ЕУ-членките кои најмногу истапуваат со забелешки на напорите да се внесе малку свежина што ќе го растера „заморот“ од проширувањето, земји, на пример, како Данска и Холандија, истегнувањето и продолжувањето на брзата лента не претставува никаков проблем. Нема попуштање без да се исполнат критериумите за прием во членството.

Конечно, какви тонови се препознаваат во дебатата за иднината на ЕУ? Без оглед на присутните големи отпори против натамошното ЕУ-проширување, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Украина мора да биде членка. Се чини никој не ги заборава и земјите од Западен Балкан, кои веќе од поодамна имаат добиено ветување за членство, иако и понатаму останува отворено прашањето дали ЕУ има доволно сили и јасен мотив да се справи и да прими нова група сиромашни земји од Источна Европа?

Нема карт-бланш за никого на патот кон ЕУ. Во Брисел така не се зборуваше пред дваесетина години. Затоа, тешко дека ќе може да се најде разумен одговор зошто речиси сите влегоа во европскиот клуб, а на некои тоа право сега да им биде одземено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот