Треба да фатите автобус за дома, порача Џафери и ја прекина седницата за која жестоко реагираше ВМРО-ДПМНЕ

Ќе говориме додека сакате да говорите. Ако на некого му се спие или не е од тука нека си фати автобус или нека спие во хотел. Вие сакавте да сте пратеници, ако не сакате дадете си оставка, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, по гласните негодувања од страна на опозициските пратеници, кои обвинија дека владејачкото мнозинство сака доцна во ноќта да го изгласа решението за ГА-МА.

Револтиран поради тоа што пратеникот Антонио Милошоски снимаше видео во салата барајќи образложение за итноста за свикување на седницата, спикерот Џафери најави дека ќе му поднесе кривична пријава за неовластено снимање.

На продолжување на работата по 18 часот реагираа пратениците од опозицијата, со забелешка дека немале известување дека ќе се продолжи и по 18 часот. Седницата беше прекината по 18.30 и закажана за 20 часот, но почна по 21.30 часот. 

Никола Мицевски, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, процедурално побара од претседателот на Собранието да одговори зошто немаат известување дека ќе се продолжи со работа по 18 часот и зошто, исто така, не биле информирани дека се одложува почетокот на продолжението закажано за 20 часот. Тој порача дека треба да има предвидливост во работењето на Собранието и однапред да се знае.

Претседателот на Собранието Талат Џафери образложи дека со координаторите на пратеничките групи однапред била договорена динамиката на работа.

Сепак, Џафери, поради тоа што немаше голем број на присутни пратеници во Собранието, реши да ја прекине 19. седница и најави продолжување за 11 часот, што всушност и беше барање на опозиционерите.

– Ќе прекинам за да можете да фатите автобус, иронично искоментира претседателот на Собранието.

Инаку, заостанати точки на дневен ред на 20. седница се Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка, како и Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка, но расправата стигна до измените по скратена постапка во Законот за инвалидски организации од 19. седница.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот