Трамп за Сирија: Тоа не е наша борба, да останеме настрана, да не се вклучуваме!
Додека вечерва престојуваше во Париз, избраниот претседател на САД Доналд Трамп напиша објава на социјалната мрежа Икс, во која се осврнува на состојбата во Сирија што ескалира. Според неговата објава, САД ќе стојат настрана од внатрешниот конфликт во Сирија.
„Опозициските борци во Сирија, во потег без преседан, целосно зазедоа многу градови, во мошне координирана офанзива и сега се на периферијата на Дамаск, очигледно подготвувајќи се да направат многу голем чекор кон отстранување на Асад. Русија, бидејќи е толку поврзана во Украина и со загубата таму на преку 600 илјади војници, изгледа неспособна да го запре овој буквален марш низ Сирија, земја што ја штитат со години. Ова е местото каде што поранешниот претседател Обама одби да ја почитува својата заложба за заштита на црвената линија во песокот и изби целиот пекол, со стапување на Русија. Ова е најдоброто нешто што може да и се случи. Никогаш немаше голема корист во Сирија за Русија, освен да направи Обама да изгледа навистина глупаво. Во секој случај, Сирија е хаос, но не е наш пријател, и САД НЕ ТРЕБА ДА ИМААТ ВРСКА СО ТОА. ОВА НЕ Е НАША БОРБА. ДА ОСТАНЕМЕ НАСТРАНА. ДА НЕ СЕ ВКЛУЧУВАМЕ!- напиша Трамп.
Израелската војска денеска соопшти дека им помогнала на силите на Обединетите нации (ОН) да одбијат напад во Сирија, на границата со Голан.
„Вооружани лица го нападнаа пунктот на ОН во регионот Хадер, во Сирија“, се наведува во соопштението на војската, мислејќи на градот кој се наоѓа на работ на тампон-зоната под контрола на ОН, на Голанската висорамнина.
Во соопштението се додава дека израелската војска ги зајакнала своите сили во областа, која Израел ја зазеде за време на Шестдневната војна во 1967 година.
Силите на ОН се распоредени во тампон-зоната од 1974 година за да го надгледуваат прекинот на огнот.
Иако бунтовниците веќе повеќе од една недела изведуваат офанзива во Сирија, израелската војска потврди дека ќе продолжи да делува „за да го заштити Израел и неговите граѓани“.