Трамп и кралот Чарлс Трети со сопругите/Фото: Chris Jackson / PA Images / Profimedia

Трамп: Врската меѓу САД и Велика Британија е бесценета и вечна

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес, на државната вечера во замокот Виндзор, која беше организирана по повод неговата посета на Обединетото Кралство, изјави дека врските меѓу Вашингтон и Лондон се „бесценети и вечни“ и нагласи дека двете земји се поврзани со голем број работи, вклучувајќи историја, јазик, култура, традиција, потекло и судбина.

Зборувајќи за односот меѓу САД и Велика Британија, Трамп рече дека „тие се како две ноти во еден акорд или два реда од истата проза“.

„Секоја убава на свој начин, но всушност е создадена да свири заедно. Врската на сродство и идентитет меѓу Америка и Велика Британија е бесценета и вечна. Незаменлива и неуништлива“, рече Трамп.

Американскиот претседател, придружуван од првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, исто така нагласи дека е почестен што е првиот американски претседател кој е почестен со втора државна посета на Велика Британија.

„Ова е навистина една од најголемите почести во мојот живот, со децении имам огромна почит кон вас и вашата земја“, му рече Трамп на британскиот крал Чарлс III, пофалувајќи ја неговата посветеност на зачувувањето на „славната и единствена природа на кралството“, објави Скај њуз.

Трамп го пофали кралот за тоа што воспитал „исклучителен син“ принцот Вилијам, додавајќи дека верува оти идниот крал ќе има „неверојатен успех во иднина“.

Доналд и Меланија Трамп / Фото: Aaron Chown / PA Images / Profimedia

„Меланија и јас сме воодушевени што повторно го посетуваме принцот Вилијам и што ја гледаме принцезата Катерина толку сјајна и толку здрава, толку убава. Навистина е голема чест“, заклучи Трамп.

Кралот Чарлс III, во говорот на државната вечера во Виндзор во чест на американскиот претседател Доналд Трамп, ги нагласи силните врски меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави, нагласувајќи ја „непоколебливата доверба“ во пријателството и заедничката посветеност на независноста и слободата.

„Нашите народи се бореа и умреа заедно за вредностите што ги сметаме за драги“, рече кралот Чарлс и ја пофали посветеноста на Трамп на наоѓање решенија за „некои од најтешките конфликти во светот“, објави Би-Би-Си.

Кејт Мидлтон, принцот Вилијам, Доналд Трамп и Меланија Трамп / Фото: Ian Vogler/Daily Mirror / PA Images / Profimedia

Тој нагласи дека Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави имаат „најблиски одбранбен, безбеден и разузнавачки однос досега“.

Чарлс го изрази своето „големо задоволство“ што има можност да ги пречека Трамп и првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, во замокот Виндзор во свое име и во име на неговата сопруга.

Доналд Трамп, Кејт Мидлтон – Фото: Принтскрин/Јутјуб

Тој ја опиша пригодата како „уникатна“ и „важна“, одразувајќи ја силната врска меѓу двете нации.

Меѓу клучните учесници на банкетот се државниот секретар на САД, Марко Рубио, и министерот за финансии Скот Бесант, Меланија Трамп, британскиот премиер Кир Стармер, кралицата Камила, како и принцот и принцезата од Велс, Кејт и Вилијам.

Вечерата беше организирана во замокот Виндзор, со присуство на 160 гости, а беа послужени специјално дизајнирани оброци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот