Трамп воведе забрана за сите летови од Европа со траење од 30 дена

Забраната стапува во сила од утре и ќе трае 30 денови. Одредбата ги опфаќа сите европски земји освен Велика Британија, а не важи за американските граѓани и оние со постојан престој во САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави привремена забрана за сите летови од континентална Европа во САД, освен од Велика Британија, во обид да се спречи ширењето на коронавирусот.

Претседателот се обрати синоќа во живо од својот кабинет, со сериозен тон во гласот и со скрстени раце на работната маса. Претстави низа мерки за справување со економските последици од вирусот, како намален данок на доход за американските даночни обврзници.

Забраната стапува во сила од утре и ќе трае 30 денови. Одредбата ги опфаќа сите европски земји освен Велика Британија, а не важи за американските граѓани и оние со постојан престој во САД.

Трамп се обрати откако вчера тргувањата на берзите повторно се намалија, додека кошаркарската колеџ и професионалната НБА лига ги откажаа планираните турнири и игри за оваа сезони, менувајќи ги навиките на голем дел од американската популација.

Школи и универзитети преминуваат на онлајн курсеви, компаниите ги затвораат своите канцеларии, театарско-концертни сали и спортски стадиони не примаат посетители, од претпазливост да не избувне епидемија слична на онаа во Италија и во други земји на ЕУ.

-Европската Унија не успеа да воведе такви мерки на претпазливост (како САД) и да забрани патувања од Кина и другите жешки точки, изјави Трамп.

Додаде дека тоа било причина за појавување на нови жаришта на болеста во САД. Тој не даде објаснување и потврда.

Истовремено, и Пентагон најави забрана за патувања на својот воен и цивилен персонал во рок од 30 денови а кон такви дестинации како Јужна Кореја, Италија, Иран и Кина.

Властите во сојузните држави Вашингтон, Кентаки и Охајо размислуваат да воведат забрана за собири. Градоначалникот на Сан Франциско пак, објави забрана за собирање на групи поголеми од илјада луѓе. Додека во Њујорк синоќа ја откажаа огромната парада посветена на денот Свети Патрик, еден од најомилените празници на Американците, кога маршираат над 150 илјади учесници а доаѓаат повеќе од милион гледачи.

Во меѓувреме, познатиот холивудски глумец Том Хенкс, е првата популарна личост од САД која јавно призна дека има коронавирус. Во статус на Инстаграм, Хенкс синоќа соопшти дека тој и неговата сопруга, Рита Вилсон, биле инфицирани за време на снимање во Австралија.

Главниот санитарен лекар на САД, Антони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и инфективни заболувања, на сослушување пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом синоќа предупреди дека вирусот ќе продолжи да се шири низ САД, и порача љубителите на спортски настани да не се собираат во толпи на едно место, како на пример на НБА кошаркарски натревари.

-Во крајна линија, ќе стане полошо, укажа Фаучи.

Во земјата коронавирусот засега се контролира, и од него заболени се околу 1.300 лица, додека 38 лица починаа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот