Трамп учествуваше кратко на самитот на Г20, па замина да игра голф

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Доналд Трамп учествуваше на отворањето на годинешниот виртуелен Г-20 самит, што викендов се одржува во Ријад, Саудиска Арабија, а потоа добар дел од денот го помина на голф и праќање твитови, јави синоќа Си Ен Ен.

-Ова беше соодветен крај за неговата кариера во глобален мултилатерализам, наведува иронично телевизијата.

Самитот започна вчера пред 8 часот наутро источноамериканско време. Трамп беше еден од десетиците лидери кои се појавија на видео-конференцијата од Самитот, пренесуван онлајн поради коронавирусот. Тој беше во својот кабинет во Белата куќа.

Но, по петнаесеттина минути, претседателот започна да твита по повод непризнавањето на изборите, а два часа подоцна замина да игра голф во својот голф клуб лоциран најблизу до Белата куќа, во Стерлинг северен дел на Вирџинија.

Трамп играше голф додека на самитот во Ријад започна важна сесија насловена „Подготвеноста за пандемија”, на која учествуваа повеќе светски лидери како францускиот претседател Емануел Макрон, канцеларката Ангела Меркел и јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.

Според дневниот распоред на претседателот на САД објавен од Белата куќа, Трамп треба да учествува на сесија на Г-20 самитот денеска (недела наутро источноамериканско време). Но тоа најверјатно ќе биде последен пат кога тој ќе биде на средба со светските лидери, со оглед на тоа што се ближи крајот на неговото претседателство, наведува Си Ен Ен.

Претседателот на САД претходно имаше краток брифинг, еден од ретките по гласањето на изборите на 3 ноември, на кој кажа дека „патем, јас ја добив кампањата”, но одби да одговори на прашањата од новинарите поврзани со непризнавањето на резултатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот