украинска војска EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Трамп тврди дека илјадници украински војници се опколени во Курск, Киев тврди дека тоа се лажни вести

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека илјадници украински војници биле опколени од руската армија во областа Курск и рече дека побарал од рускиот претседател Владимир Путин да ги поштеди.

Украинските војници  кои се борат во Курск како  и украинската  команда тврдат дека Трамп греши и дека тоа не е вистина, пренесува Политико.

Украина се повлекува од територијата што ја зазеде во ненадејна офанзива минатото лето, но тие сили не се опколени. Украинската команда испрати засилување за да обезбеди повлекување на нови позиции, а овој процес трае веќе неколку дена.

Но, постои поинаков поглед на ситуацијата во Белата куќа откако пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, се сретна со Путин во четвртокот вечерта.

„Вчерашните разговори со претседателот Владимир Путин беа исклучителни и продуктивни и постои голема шанса оваа ужасна, крвава војна конечно да заврши. Но во моментов илјадници украински војници се опколени и во лоша позиција, напиша Трамп на својата мреќа Truth Social.

Трамп ги повтори претходните изјави на Путин, кој даде слични тврдења за време на прес-конференцијата со белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Путин рече дека украинските војници кои го нападнаа рускиот регион Курск „целосно ја напуштија својата опрема, бидејќи ќе следи физичка блокада на регионот – или ќе умрат или ќе се предадат за да ја напуштат областа“.

Трамп ја прифати таа реторика.

Силно побарав од претседателот Путин да им ги поштеди животите, напиша Трамп.

Украинската команда негира дека нејзините сили се во опасност да бидат опколени од руските трупи и нивните севернокорејски сојузници. Украинските трупи се под притисок откако Трамп прво ја прекина испораката на оружје, а потоа го прекина споделувањето разузнавачки информации за да изврши притисок врз Украина да се согласи на мировни преговори. Американската помош оттогаш е вратена.

Украинска војска EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

„Извештаите за наводното „опкружување“ на украинските единици во регионот Курск од страна на непријателот не се точни и ги создаваат Русите од политички причини и за притисок врз Украина и нејзините партнери“, се вели во соопштението на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

„Ситуацијата не е значително променета во последните 24 часа. Продолжуваат борбените операции во оперативната зона на групата сили „Курск“.

„Единиците на вооружените сили на Украина се прегрупираа, се повлекоа на поповолни одбранбени линии и ги исполнуваат поставените задачи на територијата на Курската област. Нема закана од опкружување на нашите единици“, додаваат од Генералштабот на украинската армија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот