Трамп против Харис: за економијата, за миграцијата, за надворешната политика
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговата демократска противкандидатка, заменик-претседателката Камала Харис вчера се соочија на првата предизборна дебата која првенствено започна со ракување а подоцна заврши со жестоки сочни напади.
Размената на вербални удари беше исклучително, околу 90 минути напади од двете страни, без јасен победник. Сепак двајцата кандидати за претседател се судрија за повеќе теми кои ги засегаат американските гласачи а оние кои најмногу привлекоа внимание беа темите околу економијата, имиграцијата, репродуктивните права како и надворешната политика.
Во претседателската дебата и двајцата кандидати се обидоа да го искажат својот аргумент за победа на изборите во ноември.
Економијата, високите цени за живот – носечка тема во дебатата
Високите цени остануваат главна грижа за многу американски гласачи, пишуваат пишуваат американските медиуми анализирајќи ги поентите во дебатата на двата претседателски кандидати.
Релативно рано демократската кандидатка Камала Харис го нападна планот на Трамп да воведе високи царини за странски стоки, предлог што таа го спореди со „данок за средната класа“. Истовремено, тој го претстави својот план за даночни олеснувања за семејствата и малите бизниси.
Од друга страна Доналд Трамп ја критикуваше Харис за постојаната инфлација за време на мандатот на администрацијата на Бајден, иако го во свој стил го преовеличуваше нивото на зголемените цени во земјата.
Харис се осврна на политиките на Трамп за економијата, велејќи дека 16 економисти добитници на Нобеловата награда ја критикувале неговата програма и веруваат дека таа ќе предизвика рецесија до следната година доколку се спроведе.
„Доналд Трамп нема план за вас. Затоа што тој е повеќе заинтересиран да се заштити себеси отколку да се грижи за вас“, рече Харис.
Трамп на ова одговори дека професорите по економија мислат дека неговиот план е брилијантен и добар план.
„Имаме најлоша инфлација во историјата на нашата нација“, рече републиканскиот кандидат.
Во времето на Бајден, инфлацијата достигна врв од 9,1 отсто во јуни 2022 година. Тој посочи дека инфлацијата во САД последен пат била над 9% во 1981 година, но според него таа сега е многу повисока отколку во други времиња во историјата на САД. Како што забележуваат медиумите од средината на 2022 година, инфлацијата значително паѓа на 3,3% во мај 2024 година.
Нелегалната миграција проблем за Трамп, за Камала предизвик за подобрување на политиките по ова прашање
Во меѓувреме Трамп брзо се сврте кон својата главна тема мигрантите, тврдејќи без докази дека „луди“ имигранти ја минуваат јужната граница на САД со Мексико. За време на дебатата, Доналд Трамп изнесе не потврдено тврдење дека илегални имигранти јаделе домашни миленици во Спрингфилд, Охајо.
„Тие ги јадат кучињата, ги јадат милениците на луѓето што живеат таму“, рече тој.
Модераторот на дебатата од телевизијата „Еј-би-си“ рече дека медиумите се обиделе да ја потврдат информацијата, но не успеале. Тој потоа се повика на портпаролот на властите во Спрингфилд, кој рече дека не се пронајдени докази за тврдењето.
Друго омилено тврдење на Трамп за оваа тема беше и она дека дека илегалните преминувања на границите се зголемени за време на претседателството на Бајден.
Статистиката овде е на негова страна, забележуват американските медиуми. Бројот на луѓе кои ја минуваат границата од Јужна и Централна Америка достигна рекордно високо ниво во изминатите неколку години. Па така во 2022 и 2023 година илегалните премини на мигрантите се над 2 милиони.
Камала Харис по ова прашање истакна дека администрацијата треба да ги подобри политиките кон миграцијата во земјата.
Разлики по прашањата за Украина, Газа, НАТО
Камала Харис осврнувајќи се на надворешната политика на САД на прашање поврзано со конфликтот меѓу Израел и Хамас даде одмерен одговор, ветувајќи дека ќе продолжи да го поддржува правото на Израел на самоодбрана додека се залага за прекин на огнот, враќање на заложниците преземени од Хамас и решение за две држави.
„Израел има право да се брани, и како го прави тоа е важно бидејќи исто така е точно дека се убиени премногу невини Палестинци“, рече таа.
Трамп се фокусираше на Харис, тврдејќи дека таа „го мрази Израел“ и „го мрази арапското население“, без да каже како ќе се обиде да го прекине конфликтот.
Потоа тој не одговори на прашањето на модераторите дали сака Украина да победи во војна со Русија и покрај тоа што неколку пати директно го прашаа, тој само рече „сакам оваа војна да престане“.
Тој тврдеше дека може да ги натера рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски да седнат и да преговараат за крај на војната.
Од друга страна Камала Харис истакна дека НАТО сојузниците се благодарни зошто Трамп не е претседател. Во спротивно, Путин би седел во Киев со око на остатокот од Европа. Путин е диктатор кој ќе ве изеде за појадок“, истакна Камала Харис.
„Светските лидери му се смеат на Доналд Трамп. Разговарав со воените лидери и тие ми рекоа дека сте срам“, коментираше Харис, користејќи збор што Трамп често го користи за да ги опише своите противници.
Трамп исто така се обиде да ја поврзе Камала Харис со надворешната политика на Џо Бајден, особено со непопуларното повлекување на американската администрација од Авганистан.
– Се вклучив во преговорите со Талибанците затоа што тие правеа убиства. Договорот што произлезе од повлекувањето на САД од Авганистан е добра зделка. Да бев претседател, немаше да останат американски граѓани или воена опрема таму, рече Трамп.
Темата за абортусот силна страна за Харис во соочувањето
Инаку Харис, која изгледаше нервозна на почетокот, брзо ја најде својата предност кога темата се сврте кон абортусот, нејзината силна страна, обвинувајќи го Трамп дека ги одзема слободите на жените. Па така во дебатата Трамп ја поддржа одлуката на Врховниот суд од 2022 година да го поништи федералниот закон стар речиси 50 години кој дозволува абортуси, велејќи дека државите треба да одлучат дали ќе го дозволат тоа и под кои услови.
Оттаму, Харис успеа во она што се чинеше дека е една од нејзините главни задачи: да го поттикне својот противкандидат да се впушти во неиспитани озборувања за себе и за минатото, дозволувајќи му да го обвини дека не е фокусиран на американскиот гласач.
Харис имаше неколку незаборавни „удари“ додека се обидуваше да ги претвори наводните силни страни на Трамп во слабости.
Инаку по вчерашното телевизиско соочување„Фокс Њуз“ соопшти дека предложил одржување втора претседателска дебата во октомври, додавајќи дека се испратени писма до кампањите на кандидатите пред нивната синоќешна дебата.
Следната претседателска дебата не е закажана, додека дебатата меѓу потпретседателските кандидати Џеј-Ди Венс и Тим Вaлц ќе се одржи на 1 октомври.