Трамп не сакаше да одговори што мисли за контроверзниот закон на Моди
На вториот ден на посетата на Индија, американскиот претседател Доналд Трамп одби јавно да се изјасни за контроверзниот индиски закон за државјанство.
За овој закон, кој наводно ги дискриминира муслиманите, се залага неговиот домаќин, индискиот премиер Нерендра Моди.
Кога новинарите побараа коментар за спорниот закон кој предизвика демонстрации во Њу Делхи и трагична смрт на најмалку седум луѓе, Трамп одби да го направи тоа, велејќи дека тоа прашање е во надлежноста на Индија, пренесува „АП“.
Американскиот претседател одговори дека една од темите за разговор со индискиот премиер било и прашањето за верски слободи и дека претседателот на владата на Индија бил, како што рече тој, неверојатен во однос на тоа прашање.
– Тој (Моди) сака луѓето да уживаат во верските слободи – рече американскиот претседател, кој за време на својата претседателска кампања во 2016 година предложуваше воведување на привремена забрана за влез на муслиманите во САД, а потоа успешно имплементираше забрана за патување во САД за луѓе од неколку муслимански земји.