Трамп: Не е ваша работа тоа што ќе му го кажам на Путин

фото:. EPA-EFE/ANATOLY MALTSEV

Американскиот претседател Доналд Трамп пред да отпатува синоќа на самитот на Г-20 во Осака, Јапонија, изјави дека нема намера да открие детали за што ќе разговара на средбата со неговиот руски колега Владимир Путин, што е предвидено да се одржи утре.

Средбата Трамп – Путин е во фокусот на вниманието во САД, бидејќи претходното слично поведение на американскиот претседател, кој ги држи затворени за јавност неговите претходни средби со Путин, предизвика загриженост кај американските законодавачи.

Од Конгресот му дадоа на претседателот рок до 8 јули да ги предаде записите од средбите или законодавците тоа ќе го бараат на суд.

Поради „нападот врз американската демократија нареден од Путин” некои коментатори дури и искажуваат загриженост од средбата на која Трамп „може уште еднаш да ги дискредититира разузнавачките служби на САД, по лошите искуства од нивната средба лани во Хелсинки”.

Трамп замина на самитот истовремено со почетокот на првите демократски дебати на кандидатите за претседател од Демократската партија на САД за изборите во 2020 година.

Во Мајами синоќа дебатираа десетмина кандидати, а вечерва ќе дебатираат уште толку, меѓу кои се и Џо Бајден и Берни Сандерс, лидери во трката за номинација претседателски кандидат кој ќе му се спротивстави на Трамп.

Темите за кои се дебатира се разновидни – од имиграција, расизам и контрола на слободното носење оружје, до надворешно политички теми и руската вмешаност во изборите на САД.

Трамп изјави дека не е заинтересиран за ставовите на демократските кандидати и дека тој ги следи дебатите „службено”.

– Изгледа многу досадно, и го гледам сето тоа само поради тоа што треба да го правам. Тоа е дел од мојот живот, изјави Трамп во интервју за „Фокс Бизнис”.

Пред да замине синоќа на самитот, Трамп избегна да одговори дали на средбата со Путин ќе го постави прашањето за руската вмешаност во изборите.

– Ќе имам мошне добар разговор со Путин. А тоа што ќе му кажам не е ваша работа, изјави Трамп.

Од Белата куќа го соопштија и точното време на срдбата в петок – 14 часот по локално време или седум часот по средно европско.

Темите за кои ќе се разговара се тешкотиите во подобрување на односите помеѓу двете земји, стратегиско разоружување и регионална безбедност, првенствено ситуацијата на Блиски Исток, во Иран, во Сирија, во Украина и најверојатно во Венецуела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот