Трамп ја обвини Пелоси за „предавство”

Додека Конгресот се подготвува да испита нови сведоци во рамки на истрагата за импичмент на претседателот Доналд Трамп, се вжештуваат односите меѓу конгресмените демократи и претседателот кои викендов разменија серија обвинувања.

Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом испрати подбуцнувачка порака до Трамп.

-Доналд Трамп беше сопственик на повеќе казина и прекрасно знае дека ‘куќата секогаш добива’, изјави таа викендов.

Претседателот на ова одговори дека Пелоси „сериозно го прекршила законот, направи престапи па дури и предавство”.

Прекршувањето на законот, споменато од Трамп во неговиот твит, го има дури и во Уставот на САД, како основа за отповикување на претседателот од неговата функција.

Во серија од твитови викендов Трамп продолжи да го критикува конгресменот Адам Шиф, претседател на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом, кој е назначен од Пелоси да ја води истрагата за импичмент.

Трамп не е задоволен како Шиф го интерпретира телефонскиот разговор со лидерот на Украина. Тој синоќа изјави дека Пелоси знаела за „лагите и крупните измами” на Шиф.

Сослушувањата во рамките на истрагата за импичмент продолжуваат и оваа недела. Комисиите за разузнавање, надворешна политика и надзор и реформи во долниот дом на американскиот Конгрес неделава ќе сослушуваат неколку важни фигури.

Утре ќе сведочи Гордон Сондленд, амбасадор на САД во ЕУ, додека в петок, исказ ќе дава Мари Јовановиќ, поранешна амбасадорка на САД во Украина.

Комисиите очекуваат одговор на барањето за обезбедување документи од Стејт департментот, Белата куќа и од личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани.

Истрагата се заснова на извештај на информатор од разузнавачките служби на САД, во кој се утврдува дека претседателот ги злоупотребил „надлежностите на својата функција за да изврши притисок врз странска земја да се вмеша во изборите во 2020 година” и дека државниот обвинител Вилијам Бар и Џулијани, најверојатно, биле дел од тие усилби.

Трамп одлучно демантира дека направил кривично дело. Тој повеќепати го опиша разговорот со Володомир Зеленски како „идеален”, нарекувајќи ги неговите критичари „предавници” и изјавувајќи дека истрагата за импичмент е „пуч” за негово отстранување од функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот