Трамп ја менува политиката: Претстави план со кој ги фаворизира талентираните имигранти

EPA-EFE/SHAWN THEW

Претседателот на САД, Доналд Трамп претстави план, кој предвидува фаворизирање на талентираните имигранти, кои поседуваат одредени вештини и знаења во некоја област.

Избегнувајќи остра реторика против илегалните имигранти, која претходно ја користел, Трамп истакна дека сака да им овозможи на „најбрилијантните” луѓе да живеат во САД преку систем кој ги наградува талентите и умните луѓе.

Тој нагласи дека постоечките имиграциски закони на САД ги „дискриминираат генијалците и исклучителните луѓе” бидејќи најмногу „зелени карти”, односно дозволи за престој, им се даваат на ниско квалификувани лица со мали заработувачки.

Планот кој Трамп го претстави се заснова врз заслуги и предвидува посебен третман за високо квалификуваните работници. Врз основа на заслуги ќе бидат доделени 57 отсто од „зелените карти”, за разлика од досегашните 12 проценти.

Според планот, САД во иднина ќе доделуваат ист број „зелени карти” како досега, но значително поголем број ќе им се даде на исклучителните студенти, професионалците и високо образованите луѓе. Во предвид ќе се земат и факторите, како што е возраста, познавањето англиски јазик и понуди за работа.

Значително помалку „зелени карти” ќе им бидат дадени на оние чии роднини веќе живеат во САД.

Сепак можноста овој план, кој се уште не е усвоен од Републиканската партија, да биде поддржан во Конгресот на САД е многу неизвесна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот