Трамп го објави планот со кој ќе стави крај на војната во Украина
Кандидатот на Републиканската партија за американски претседател на претстојните избори на 5 ноември, Доналд Трамп, повеќепати изјави дека може да стави крај на конфликтот во Украина. Рецептот за тоа тој го гледа во значително намалување на цените на енергенсите на глобално поле што според него единствено така може да се запре рускиот претседател Владимир Путин.
Ако победи на изборите во САД, Трамп ќе стави крај на конфликтот во Украина пред Нова година, дури и пред официјално да ја преземе функцијата на неговата инаугурација на 20 јануари. Ова тој го изјави лично во „Економскиот клуб Њујорк“
„Ако победиме, верувам дека можам да го решам овој конфликт како новоизбран претседател пред да ја преземам должноста официјално. Можам да го прекинам овој конфликт бидејќи тоа е страшен, ужасен конфликт. А во Украина се убиени многу повеќе луѓе отколку што можете да замислите, истакнал Трамп, чии зборови ги пренесе и украинскиот медиум „Фокус“.
Републиканскиот претседателски кандидат рече дека неговиот план е да ги намали цените на енергијата за половина или повеќе во рок од 12 месеци по преземањето на функцијата.
„Путин не може да се бори кога нафтата е 40 долари“, рече Трамп и потсети дека моменталната цена на руската сурова нафта од Урал е околу 70 долари за барел.
На 16 јуни, Трамп го критикуваше износот на американската помош за Украина и го нарече Володимир Зеленски „најдобриот продавач од сите политичари“.
Сепак, на 18 јуни, републиканскиот сенатор Џони Ернст изјави дека Трамп во приватни разговори всушност го поддржува доделувањето на воена помош од Вашингтон за Киев.