Трамп: Би сакал да сведочат и други функционери, но би било опасност за националната безбедност

Фото: Принтскрин

Американскиот Сенат синоќа усвои правила за водење на постапката за отповикување на Трамп, вклучувајќи одложување на дебатата за повикување сведоци се до средината на судењето.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека би сакал подолго судење за импичмент, со цел сегашни и поранешни функционери на администрацијата да можат да сведочат, но смета дека нивното појавување во улога на сведоци би претставувало опасност за националната безбедност.

Тој на прес-конференција во Давос, каде учествува на Светскиот економски форум, истакна дека Сенатот треба да одлучи како ќе се води процесот, но лично би сакал поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон и актуелниот државен секретар Мајк Помпео да сведочат.

– Проблемот со Болтон е што тоа претставува опасност за националната безбедност. Тој ги знае некои мои ставови и знае што мислам за лидерите. Што ќе се случи ако открие што мислам за одреден лидер, а тоа не е многу позитивно, нагласи Трамп, тврдејќи дека и сведочењето на Помпео би било ризично.

Американскиот Сенат синоќа усвои правила за водење на постапката за отповикување на Трамп, вклучувајќи одложување на дебатата за повикување сведоци се до средината на судењето.

Претставничкиот дом, во кој демократите се мнозинство, го отповика американскиот претседател по две основи. Првата е дека ја злоупотребил положбата за да изврши притисок врз Зеленски со цел да го истражи Џо Бајден, поранешниот потпретседател на САД, кој се смета за еден од неговите најсериозни противкандидати на изборите во ноември. Втората основа се наводните опструкции на Конгресот во истрагата која ја спроведе тоа тело.

Одлуката за импичмент во Сенатот се донесува со двотретинско мнозинство и Трамп е четврти американски претседател кој се соочува со таква можност. Ниту еден претседател на САД досега не е сменет преку директен резултат од процес на отповикување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот