Трамп: Бајден ќе ја уништи Флорида, јас ќе го уништам вирусот
Како дел од предизборната кампања, американскиот претседател Доналд Трамп ги посети Северна Каролина и Флорида, некои од државите каде што резултатот од претседателските избори не е „познат однапред” и им порача на насобраните дека плановите на демократскиот кандидат Џо Бајден се опасни за американската економија.
– Ако сакате да ја спасите Америка, мора да гласате, им рече тој на илјадниците приврзаници собрани на аеродромот во Џексонвил, Флорида.
Тој тврди дека Бајден „свртел премногу кон лево” за вкусот на Американците и предупреди дека демократските планови за борба против коронавирусот ќе ја загрозат економијата.
Критичарите на Трамп оценуваат дека тој не покажал национална стратегија за борбата против коронавирусот, од кој починаа повеќе од 200.000 луѓе во САД, најмногу во светот.
Трамп тврди дека вакцина наскоро ќе биде достапна и брзо ги укина ограничувањата по карантинот воведен пролетоска, кои доведоа до големо зголемување на стапката на невработеност.
– Планот на Бајден ќе ја уништи Флорида. Мојот план ќе го уништи вирусот, тврди Трамп во предизборната кампања.