„Трамонтана“ е првиот роман на познатата поетеса Наташа Сарџоска

Поетесата, преведувачка и антрополог Наташа Сарџоска го објави својот прв роман „Трамонтана“. Дејството на романот се одвива во Париз и во Скопје, но и во Виена и во Охрид, а главните ликови испреплетуваат повеќе карактерни специфики на културолошките и социјалните мрежи на кои им припаѓаат.

Станува збор за психолошки роман, во кој двата главни лика Алма и Алба се длабински прикажани во нивната најсуштинска интимност, сѐ до нивно сплотување, сѐ до нивно препознавање како двојнички.

Сарџоска пишува женско писмо со силен поетски израз и естетски набој. Отуѓеност, осаменост, анонимност, промискуитет, празнина, слобода, неконформизам, но и трговија со луѓе и лицемерие на хуманитарните и меѓународните организации, како и корупција на македонскиот систем се само дел од неколкуте теми што ги разработува Сарџоска во оваа повеќеслојна приказна за потрагата по слободата преку неприпаѓањето, слобода што одамна му е одземена на човекот, слобода што е метафорично прикажана низ призма на каталонскиот свиреп и брутален ветер трамонтана, кој го обележува и настанокот на дејството, детството на главниот лик, и завршетокот на дејството, заминувањето на главниот лик кон непознатото.

Трамонтана е морски ветер што зад себе остава пустош и празнина и алузија дека овој роман ќе ве одведе целосно отаде празнината на востановените рамки и геометрии на постоењето.

Книгата ја објави издавачкиот центар „Три“, а беше промовирана на годинашниот Саем на книгата во Скопје. Авторска промоција на книгата ќе се одржи и на 23 септември, во 18 часот, на „Зелената тераса“ на ГТЦ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот