Трајно да се реши случајот со рудникот Иловица, бараат од ДОМ

Маја Морачанин / Фото: Утрински брифинг

Зелената партија ДОМ смета дека поединци во институциите, преку несериозно постапување, дозволуваат да ескалира недовербата на граѓаните во решеноста за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на рудникот Иловица од страна на Владата, наведуваат во своето соопштение.

-Ние се прашуваме, заедно со загрижените граѓански организации и движења, што навистина се случува низ институциите во врска со рудникот Иловица и дали повторното враќање на случајот во лавиринтите на одлучување може да го “воскресне” концесионерот- прашува ДОМ.

ДОМ бара од надлежните органи да утврдат како и зошто Државното правобранителство дозволило судиите во Управниот суд за рочиштето да не добијат соодветни материјали за одлучување, вклучувајќи ја и одлуката за едностран раскин на концесијата за екплоатација.

-Бараме Државниот правобранител да ги преземе сите неопходни чекори за да може да се потврди Одлуката на Владата за едностран раскин на концесијата за експлоатација, за конечно да се затвори овој случај- велат оттаму.

ДОМ направи анализа на случајот Иловица според достапната документација и воочи цела низа недоследности и правни и процедурални прекршувања во постапките поврзани со рудникот Иловица.

-Го повикуваме Јавното обвинителство да ги испита околностите и учесниците во доделувањето на концесијата за експлоатација и одобрувањето на Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина за Иловица 6 во 2012 година. Неопходно е да се покренат овие истражни дејства за да се утврди како можело да се додели концесија за експлоатација Иловица 6 на која не е предвидено инсталирање на потребните инфраструктурни и помошни објекти, да се издаде Решение за одобрување на Студијата за оцена на влијание за Иловица 6 без истата да биде целосно објавена и без одржување на јавна расправа, да се води постапка за доделување на концесија за експлоатација Иловица 11 на која се планира изведба на хидројаловиште и висока брана лоцирана во близина на подрачје на кое ќе се врши минирање, како и многу други отворени прашања- стои во соопштението од ДОМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот