Трајко Славевски избран за претседател на Советот на Град Скопје

совет на град скопје
Конституиран новиот совет на Град Скопје, Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Новоизбраните советници од Советот на Град Скопје денеска на конститутивна седница  со 26 гласа „за“,  го изгласаа поранешниот министер за финансии и носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, за претседател на Советот на Град Скопје. За него, покрај советниците од неговата партија, гласаа и советниците на Левица и двајца советници од ЛДП.

Во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, СДСМ има 12 советници, ДУИ има пет советници, Левица четири, а по двајца советници имаат Алијанса за Албанците/Алтернатива, коалицијата ЛДП и ДОМ и независните кандидати од Зелен хуман град.

И покрај тоа што гласаа за Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ останува опозиција во Советот. Славески го поддржале за да има конструктивен Совет.

– Трајко Славески е докажана личност, со кредибилитет и верувам дека тој и градоначалничката Данела Арсовска ќе ги земат предвид нашите проекти кои ги претставивме во изборната кампања и за кои добивме над 10.000 гласови. За Славевски гласавме за да има конструктивен Совт, рече Тамара Крстевска од ДОМ.

Новоизбраниот претседател нагласи дека во Советот нема да има  место за идеологија и политика.

– Во Советот ќе мора да се работи за подобрување на условите на живот на граѓаните. Политичката идеологија ќе треба да ја подзаборавиме сите и заедно со градоначалничката Арсовска да работиме на модернизација на Скопје, рече Славевски.