ТРАГИЧНА НЕСРЕЌА ВО СЛОВЕНИЈА: Возел мигранти во багажник, па се удрил во ограда – двајца загинати

Фото: Gasilska Enota Stara Vrhnika

Два нелегални мигранти од Сирија загинаа во сообраќајна несреќа во Словенија која ја предизвикал нивниот возач, 42-годишен маж од Босна и Херцеговина, пренесува хрватски „Индекс“.

Како што објави словенечката полиција, несреќата се случила доцна во ноќта на патот кој води од Љубљана кон Копер, на делницата Брезовница-Врхника.

Возачот претекнувал камион, но кога се враќал во десната коловозна лента ја загубил контролата врз возилото и удрил во заштитна ограда, па автомобилот започнал да се превртува, појаснува полицијата.

При несреќата, од багажниот паднале три лица, од кои две загинале, додека третата се здобила со тешки животозагрозувачки повреди.

Во возилото имало уште шест лица, државјани на Сирија, кои пред тоа нелегално влегле на територијата на Словенија, а едно од тие лица во несреќата се здобило со полесни повреди.

Според информациите од полицијата, државјанинот на БиХ кој управувал со автомобилот, ги преземал мигрантите во Словенија откако на нелегален начин ја поминале границата, сместувајќи тројца во багажникот, додека останатите биле на задното седиште. Во возилото по несреќата е пронајдено и едно малолетно лице кое не е повредено.

На возачот кој ја предизвикал сообраќајната несреќа со смртни последици му е одреден притвор, а по собирањето на дополнителни податоци, против него ќе биде започната кривична постапка, како поради сообраќајната несреќа така и поради организирање на нелегален превоз на мигранти.

За возачот е одредено и утврдување на можна присутност на алкохол во крвта, но резултатите се уште не се познати за јавноста, додека еден од мигрантите најверојатно има туберкулоза, објави словенечката полиција.

Сите преживеани мигранти од Сирија кои не се повредени во несреќата побарале азил во Словенија, потврди полицијата.

Автопатот кон Копер утринава беше затворен поради несреќата и полициските активности поврзани со неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот