Трагедии и потресни приказни: Оштетените штедачи на Еуростандард Банка бараат парично обештетување од државата

Фото: МИА

Мајка добила долгоочекувани пари како оштета за нанесена телесна повреда од небрежност на државна институција, и истите се уплатени во Еуростандард Банка, а се наменети за лекување на нејзиното болно дете во странство. Парите се заробени и детето не може да се лекува.

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка денеска побара итно носење на законско решение со кое државата ќе ги преземе побарувањата на физички и правни лица од Еуростандард Банка, и во целост парично ќе ги обештети. Потоа, државата да наплати од стечајната маса.

За ова барање, од Здружението посочуваат дека доставиле предлог закон на состанокот со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, каде како што велат, била искажана волја за решавање на овој проблем. Овие денови Здружението има состаноци со пратеничките групи во Собранието за да побараат и нивна поддршка за донесување на закон.

Николоски Дејан, член на Иницијативниот одбор на Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард Банка на денешната прес-конференција истакна дека со нивното Здружение секојдневно пристигнуваат пораки со прашања на штедачите што да прават со своите заштеди во банките, но за жал, како што рече, не можат да дадат конкретен одговор.

-Пропаѓањето на Еуростандард банка или црната за нас среда, 12 август, не остави без нашите лични парични средства. Се работи за цели семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочуваат со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто не заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција регулирана и контролирана од државата, рече Николоски.

Ова се само дел од потресните приказни кои ги споделија во соопштение оштетените штедачи од Еуростандард банка:

Мајка добила долгоочекувани пари како оштета за нанесена телесна повреда од небрежност на државна институција, и истите се уплатени во Еуростандард Банка, а се наменети за лекување на нејзиното болно дете во странство. Парите се заробени и детето не може да се лекува.

Татко на две деца повеќе од 15 години работи во мисиите во Ирак и Авганистан, тешко спечалени пари со пот и крв, далеку од своите, децата го немаат видено. Прв пат биле оштетени како семејство во аферата Фиком, за да повторно сите средства со крвава заштеда од 2012 година наваму сега им се заробени во Еуростандард Банка. Семејството е во очајна состојба.

Пензионери ставиле цела заштеда во Еуростандард Банка, некои непосредно пред да се затвори банката, сигурноста ја немаат повеќе. Меѓу нив има и луѓе кои изгубиле се во аферата ТАТ.

Тој потсети дека основата на банкарски систем се депозитите на штедачите, како домашни така и оние на наши сограѓани со работа во странство, но за жал, како што рече, години наназад токму таа основа на банкарскиот систем односно штедачите се доведени да останат без своите тешко спечалени средства.

-Деновиве слушаме изјави од Народна банка како една од највисоките државни институции која се издига високо над банкарскиот систем, како истиот тој систем е стабилен и дека останатите банки се во одлична состојба. Сепак, до нашето Здружение секојдневно пристигнуваат пораки со прашања на штедачи што да прават со своите заштеди во банките. Истата таа институција чие име започнува со зборот „Народна” и треба да служи на народот, сега е исправена пред нов предизвик да докаже дека служи на целиот народ вклучувајќи не и нас и да го реши овој наш проблем најбрзо и најефикасно, пред да бидеме сведоци на големи семејни трагедии, рече тој.

Николоски додаде дека има бројни ситуации каде членови продале личен имот и бидејќи според закон трансакцијата мора да оди преку банка, на трансакциска сметка која се смета како депозит по видување се заробуваат парите во Еуростандард Банка. Спротивно на тоа, според Николоски, има членови кои подолг период штеделе да купат свој дом за себе или за своите најблиски и сега средствата им се заробени и моментално се под кирија.

-Фирми страдаат исто така. Парите им се заробени целосно со пропаѓањето на банката. Доведени во тешка состојба, неможат да сервисираат долгови, немаат ликвидност, неможат да работат, вработените да земат плата, блокирани се, фирми се затвораат поради настанатата состојба. Фирмите се законски должни да работат со трансакции преку банка, ги користеле услугите на Еуростандард Банка. Има и фирми кои работеле само со оваа банка и сега сите пари им се заробени, рече Николоски.

Тој ги поттикна надлежните институции да ги испитаат сите наводни индиции за направени злоупотреби или непостапување по службена должност односно, како што рече, сторен криминал на лица на одговорни позиции во Еуростандард Банка при одобрувањето и пласирањето на кредити без соодветни покритија како и други можни малверзации кои се случувале во банката во тек на повеќе минати години под директна контрола и супервизија на Народна Банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот