Трае кризата на Гостивар, Кожув се враќа во игра за Суперлигата

Фото: kfsm.mk

Кошаркарите на Кожув брзо се исправија за киксот на домашен терен, со многу важна победа над еден од конкурентите за местата кои водат во следната фаза од шампионатот.

Загубија пред некој ден дома од Академија ФМП, а вечерва беа подобри од Гостивар, и тоа на гостински терен со резултат 75:81. По 17 одиграни мечеви, Гостивар е на ефект (9-8) додека Кожув има (8-9).

За само пет минути од почетокот на натпреварот во Гостивар, гостите од Гевгелија направија малку очекувани (18:5), две минути подоцна веќе имаа (23:8), за таа одлична четвртина Кожув ја затвори со уште повисока предност од (29:10).

До полувремето, гостиварци симнаа добар дел од негативата. Стигнаа до (29:41). Но, никако не успеваа да го пронајдат оној поентерски ритам. Ниту паузата не промени ништо во нивната игра. Задоволни од високото водство, гостите многу полесно наоѓаа решенија во нападот. На истекот на третиот период, предноста дури и ја зголемија на (62:48).

За разлика од противникот, дури четири играчи од првата петока на Кожув имаа двоцифрен број на поени, а освен тоа, гостите имаа и висок процент на реализација за два (60%) и за три поени (40%).

Во последниот дел од играта Гостивар направи сериозен обид за „камбек“. На 69 секунди пред крајот, домаќините дојдоа до негатива од само пет поени (73:78). Во следниот напад, Тодоровиќ ја намали разликата на еден посед (75:78). Но искусниот Караџовски, со својот 17 поен, го одбрани тој последен напад.

Кај Гостивар, Костоски се одвои со дабл-дабл ефект во кој на десет поени додаде и 12 асистенции. Тодоровиќ имаше 23 поени, Јанески 14, Фрајдеј 13, а Вокер 12.

Одложени се натпреварите Црн Дрим Грин мобиле-Работнички и Еуро Никел 2005-МЗТ Скопје Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот