Трабзонспор го исфрли Енис Барди од првиот тим
Македонскиот репрезентативец, Енис Барди во периодот додека е со репрезентацијата доби лоша вест од неговиот клуб.
Имено, фудбалерот од средниот ред на Македонија заедно со уште тројца фудбалери е исфрлен од првиот тим и во наредниот период ќе тренираат одвоено.
Како што се наведува причината е подобрување на нивните индивидуални перформанси.
„По состанокот помеѓу претседателот Ертугрупл Доан, потпретседателот Зејат Кафкас и тренерот Шенол Ѓунеш нашите фудбалери Мислав Оршиќ, Стефано Денсвил, Енис Барди и Умут Бозок ќе тренираат одвоено за да ги подобрат своите перформанси“, објави турскиот клуб.
Во редовите на Трабзонспор Барди е од 2022 година и сезонава запиша вкупно 13 настапи во сите натпреварувања, а осум од нив само во турското првенство, два во квалификациите за Конференциската лига и три во квалификациите за Лигата на Европа.