Товариш Путин, руските мајки нема да ти простат!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Лимените сандаци што секојдневно се враќаат од боиштето во Украина се посилни од секоја цензура, од секоја лажна вест, од секоја искривена вистина, од секој лажен патриотизам.

Владимир Путин владее со Русија триесет години. Еднаш како премиер, па потоа како претседател, па пак како премиер и повторно како претседател, притоа менувајќи го Уставот според своите потреби.

На тој начин тој владее подолго од сите руски цареви. Подолго дури и од Петар Велики, царот што животот го посвети на тоа да ја отвори Русија и од неа да направи европска држава. Владимир Путин со војната во Украина ќе ги посипе со пепел сите достигнувања на руската култура, на уметноста, на спортот и на сѐ она што таа го стекна како цивилизациска вредност и национално богатство со векови. Едноставно, ќе ја врати назад во изолација.

Зошто? Затоа што, убеден во „својата“ вистина за правото на Русија, си дозволи во името на сите Руси воено да нападне друга, патем братска, држава, не водејќи сметка за последиците од тоа. Во Украина гинат луѓе. Илјадници војници и цивили, жени и деца, а милиони ги напуштија своите огништа. Таа човечка трагедија не се заборава лесно и брзо. Можеби никогаш.

А дотогаш, ќе владее ли Владимир Владимирович сè уште со руската земја? Зарем толку многу народот го сака, по толку многу долго владеење? Зарем мајка Русија не роди друг да го замени Путина, јалова ли е за умни луѓе? Или, пак, тој навреме ги „спречува“ сите додека не се „испилиле“, пред да му ја земат „круната“.

Сега, пак, се говори дека Америте се обидуваат да го симнат Путин од власт. Хм, можеби! Но, каде ќе најдат друг како него? Колку што им пречи, веројатно толку и им одговара. Ако го нема Путин, што ќе им е НАТО? Ќе треба да се распушти. Зошто би постоело НАТО, ако нема контра сила поради која тие ќе трошат на вооружување? Ако нема трка во вооружување, ќе нема бизнис.

Значи, не е дека има разлика помеѓу тебе товариш Путин и Американците што ги обвинуваш за империјализам и за водење војни без прашање. Тие трошат и ти трошиш, тие продаваат и ти продаваш. Речиси секаде каде што „удри“ САД, влезе и ти, а некаде дури и пред Америка да го стори тоа (Авганистан). На друго место, пак, во Србија, на пример, каде што влезе Америка, ти не влезе, а баш те очекуваа како спасител.

Значи, нема никој друг да го смени Путин од власт, освен руските мајки што ги зави во црно, испраќајќи ги нивните синови во, за нив, неразбирлива војна. Тоа тие нема никогаш да му го простат. Нема да може тоа Путин со никаква ПР-кампања и пропаганда да го скрие. Лимените сандаци што секојдневно се враќаат од боиштето во Украина се посилни од секоја цензура, од секоја лажна вест, од секоја искривена вистина, од секој лажен патриотизам. Нема да биде доволно да им кажеш на нивните сопруги, мајки и сестри дека тие загинале заради некаков геостратегиски баланс на големите сили.

Ова не е Втората светска војна кога за Сталин (и од Сталин) загинаа повеќе од дваесет милиони Руси, затоа што тогаш си ја бранеа својата татковина. Тогаш добија слобода, сега што? Времето овој пат не работи за тебе, Владимир Владимирович Путин.

 

Извор: Фронтлајн

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот