Тотенхем замената за Кејн ќе ја бара во Бундес лигата
Доколку не дојде Вилијам Жозе, англискиот тим има резервен план.
Тотенхем има само една недела да најде замена за повредениот Хари Кејн, но до договор не е воопшто блиску. Желбите како Муса Дембеле, Виктор Осимен и Кшиштоф Пјонтек се скапи за управата на Тотенхем, Зе Луиш не може да добие работна дозвола, па поради тоа како прва желба исплива Вилијан Жозе од Реал Сосиседад.
Меѓутоа, Тотенхем сè уште е далеку од договор, а како што стојат работите, најверојатно и оваа опција ќе отпадне. Англискиот тим нуди само 12 милиони евра, додека Реал Содиедад бара двојно повеќе бидејќи 30% од сумата ќе оди за менаџерот на фудбалерот и поради тоа шпанскиот тим не попушта во барањата.
Поради тоа, Тотенхем вниманието го сврте кон Бундес лигата каде има една нереална желба и три сосема реални.
Според германскиот новинар Кристијан Фалк, желбите на Тотенхем се Тимо Вернер од Лајпциг, двоецот на Борусија Дортмунд, Пако Алкасер и Марио Геце и Вут Вегхортс од Волфсбург.
Вернер е нереална желба и нема шанси Лајпциг да го пушти својот најдобар играч среде сезона, а згора на тоа неговата цена изнесува околу 80 милиони евра.
Со доаѓањето на Ерлинг Халанд, Пако Алкасер падна во втор план во Борусија Дортмунд и се пореално е до крајот на јануари да ја напушти Германија. За неговите услуги освен Тотенхем, заинтересирани се уште и Валенсија која го гледа како наследник на Родриго кој треба да премине во Барселона, и Атлетико Мадрид кој нема среќа со главните напаѓачи Диего Коста и Алваро Мората.
Геце е во последните шест месеци од договорот, но прашање е дали Жозе Мурињо ќе инсистира на негов трансфер.
Последната желба на Тотенхем и Мурињо е Вегхортс кој е под договор со Волфсбург до 2023 година, а неговата цена се движи околу 20 милиони евра.