„Тотално незнаење и лош вкус“: Шилегов го коментира асфалтирањето на патеките во Градскиот парк

Петре Шилегов / Фото: Скриншот, Јутјуб

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, реагира на асфалтирањето на патеките во Градскиот парк од страна на градоначалничката Данела Арсовска.

„Во Градскиот парк во Скопје, во таканаречениот турски дел (паркот е подигнат на почетокот на 20 век), постојат (постоеја, сега веќе не) земјени пешачки патеки, останати таму како традиција. Стојат така повеќе од сто години. До денес???? Денес дојдоа новите ветришта…“ напиша Шилегов на Фејсбук.

„П. С. Изборот на асфалт како подлога за стази во парк, во денешно време, е ствар на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус!!!“, додаде Шилегов во објавата.

На социјалните мрежи денеска голем број граѓани реагираа на употребата на асфалт во Градскиот парк, а бројни беа коментарите дека тоа среде лето ќе ја зголеми температурата во паркот – зелената оаза во која скопјани бараат спас од горештините.

Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не сметаат дека асфалтирањето на земјените патеки е несоодветно. Велат дека тоа го прават по барање на граѓани, од кои имале многу поплаки за немање услови за движење на колички, точаци и се кревало многу прашина.

„Асфалтирањето се врши од практични причини. Голем број поплаки доаѓаа од граѓани до Секторот за уредување. Бидејќи станува збор за земјени патеки се собира вода, кал, а од ризлата се крева прашина и се разнесува на сите страни. Мајки се жалеа дека до детското игралиште не можат да пристапат со количка. Се асфалтира само оној дел што е потребно, не е цела површина и максимално се внимава на зеленилото. Паркот во кој патеките со години стоеа искршени, по реконструкцијата ќе биде преубав“, одговорија од кабинетот на Арсовска за СДК.мк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот