Тоше, Есма, Горан Стефановски, Ванчо Петрушевски меѓу предлозите за нови имиња на топоними во Скопје

Заврши анкетата во која скопјани можеа да предлагаат нови имиња на топоними (улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти). Анкетата ја објави Град Скопје на 29 јули годинава, а беше отворена до вчера, 18 август.

Граѓаните имаа можност да предлагаат само имиња на топоними, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња.

На веб-страницата на Град Скопје беше објавен онлајн-прашалник преку кој граѓаните можеа да испраќаат свои предлози за топоними преку интернет, со одговарање неколку прашања. Оние граѓани што не користат интернет, имаа можност своите предлози преку пошта да ги испраќаат до Град Скопје, најдоцна до вчера.

Согласно Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „можат да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и со име на значаен настан и датум врз основа на листа на имиња”.

Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисија за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје, што има задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на овој Закон. Листата во форма на предлог се доставува до Советот на Град Скопје, кој ја утврдува по претходно добиени мислења од општините во согласност со Владата.

Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите нив да ги вклучи во листата што ќе му биде предложена на Советот.

Постоеше голем интерес кај скопјани да се вклучат во анкетата. Граѓаните со кои МИА разговараше, велеа дека веќе го пополниле онлајн-прашалникот. Нивните предлози, како што ни изјавија, најчесто се однесуваат за личности кои придонеле за афирмација на Скопје и на државата. Меѓу предлозите се Тоше Проески, Есма, Горан Стефановски, Ванчо Петрушевски…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот