Торта имаше, ама тоа според Османи не е роденден

Функционери на ДУИ, Фото: Архива

Казни од по 20 евра за јавно групирање за врвот на ДУИ и јавно извинување од првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи е досегашниот епилог од скандалот што ја потресе јавноста, кога на 4 јануари група функционери од ДУИ го прославуваа роденденот на нивниот лидер Али Ахмети, во новоотвореното седиште на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Османи на Фејсбук сподели фотографија, на која се наоѓаат 15 мажи на чело со Ахмети без задолжителната заштитна опрема против коронавирусот и кои не држат растојание, а под неа напиша „нашиот нов дом“. Тоа беше протолкувано како порака до јавноста дека Министерството со кое раководи Груби е нивното ново партиско седиште.

Завчера ТВ Алсат-М објави дека МВР им испратило осум казни од по 20 евра на некои од фотографираните за неносење маски, меѓу кои на славеникот Ахмети, домаќинот Груби и на министерот Османи, а МВР наводно подготвува и нови казни што се однесуваат на забраната за јавно групирање на повеќе од 4 лица. Од МВР информираат и дека во координација со Државниот инспекторат за труд и со Јавното обвинителство преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот. Случајот го истражува и Инспекцискиот совет.

Торта имаше, ама тоа според Османи не е роденден

Вицепремиерот Груби по скандалот изјави дека преземаат целосна одговорност и дека се подготвени да ги сносат последиците.

– Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки што ќе ги испочитуваме како секој граѓанин. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да сме пример и да предводиме со дела во сѐ што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност – вели Груби.

Според министерот Османи, немало ниту роденденска прослава, ниту партизација на државна институција, ниту пак прекршување на протоколите. Откако фотографијата на славениците без маски стана вирална на социјалните мрежи тој ја избриша, а подоцна повторно ја врати. Беше споделена и фотографија од славеникот Ахмети со роденденска торта во форма на клуч, на која беше истакнато партиското лого.

– Апсолутно нема кршење на протоколите. Можеби грешката е во пораката што се испраќа во моментот кога се фотографиравме без маска, но не станува збор за одржување церемонија без маски. Се согласувам дека не треба да се пуштаат слики без маска. Треба да ги погледнете и другите фотографии за да видите дека тоа е миг на изненадување и жал ми е што тоа стана причина за вакви чувства и нервози кај граѓаните. Мислам дека не треба да се повтори – рече Османи.

Според него, одбележувањето на роденденот на лидерот на ДУИ предизвикало погрешна интерпретација.

– Немаше ниту прослава, ниту партизација, ниту непочитување на протоколите. Имаше момент на промовирање на новиот објект во Министерството каде што еден од вработените го изненади претседателот Ахмети со честитка за неговиот роденден и тоа се искористи тој миг за да се направи слика – рече Османи.

Гнев за луксузот и мајтапот

Министерството за политички систем, преку кое досега за 13 години се „исцедени“ 100 милиони евра од граѓаните за платите на повеќе од 1.300 фиктивно вработени кои со години не одат на работа, деновиве се всели во нова зграда, која чини 14 милиони евра и е дел од проектот „Скопје 2014“. Вицепремиерот Груби сподели повеќе фотографии од внатрешното луксузно уредување со скап мебел од кожа и дрво и огромни уметнички платна што предизвика гнев кај граѓаните кои се на удар на здравствената и економската криза предизвикана со пандемијата на ковид-19. Многумина реагираа дека со нагласената партиска прослава во седиште на државна институција, се потврдува дека државата е партизирана и дека уште е заробена. Дотолку повеќе што во тој објект требаше да се смести Државната комисија за спречување на корупцијата, а наместо неа се вселија Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, Државниот инспекторат за примена на јазиците, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Дирекцијата за афирмација на културата на припадниците на заедниците, Дирекцијата за развој на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Албанскиот национален ансамбл. На отворањето присуствуваше и премиерот Зоран Заев, кој истакна дека ова е уште еден чекор на спроведување на Рамковниот договор, европските стандарди и еднаквост меѓу граѓаните.

Настанот предизвика ерупција од незадоволство на социјалните мрежи. Професорката Мирјана Најчевска побара разрешување на функционерите, односно го повика Груби да си поднесе оставка. Таа напиша: „Позицијата носи права и одговорности. Правата ги видовме. Време е да ја видиме и одговорноста“.

Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, пак, побара одговор на прашањата какви работни обврски завршија неколкуте министри и претседателот на Собранието Талат Џафери додека беа на роденден кај Ахмети, дали функционерите користеа службени возила за приватна прослава, дали чиниите беа наполнети со храна што ние ја плаќаме и дали ќе бидат казнети за непочитување на протоколите?

Граѓанинот Марјан Ненов, пак, сподели дека како граѓанин поднел пријава во МВР против Али Ахмети и останатите насобрани лица за непочитување на мерките против коронавирусот. Тој напиша дека самиот бил казнет за неносење маска во сопственото возило и затоа бара законот да важи еднакво за сите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот