Фото: pexels-receptcelik

Жештината уби меѓу 16.500 и 24.400 луѓе во Европа ова лето: Две третини од смртните случаи му се припишуваат на глобалното затоплување

Глобалното затоплување предизвикано од човекот е одговорно за две од три смртни случаи поврзани со топлината во Европа ова лето, според студијата на научниците од Империјал колеџ во Лондон.

Студијата покажа дека поради екстремните температури помеѓу јуни и август, регистрирани се помеѓу 16.500 и 24.400 смртни случаи, објавува „Гардијан“.

Според студијата, која сè уште е во фаза на прелиминарна анализа, глобалното затоплување предизвикано од емисиите на стакленички гасови ги зголеми просечните температури во европските градови за 2,2 степени Целзиусови, што имаше директно влијание врз зголемувањето на бројот на смртни случаи поради топлотни бранови.

Климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ истакнува дека врската помеѓу согорувањето на фосилни горива, зголемувањето на температурите и зголемената смртност е неоспорна.

– Доколку не продолживме да согоруваме фосилни горива, многу од овие смртни случаи ќе беа избегнати – изјави таа.

Иако се погодени сите возрасти, постарите лица се најтешко погодени – 85 отсто од починатите биле над 65 години, а дури 41 отсто биле над 85 години. Многу од тие смртни случаи се случиле кај луѓе со постоечки здравствени проблеми кои биле доведени до своите граници поради топлината.

Мадлен Томсон од „Велком“ ја нагласи потребата од итни мерки за намалување на бројот на смртни случаи, вклучително и итно прекинување на согорувањето на фосилни горива и воведување политики за заштита на ранливите групи, како што се постарите лица или оние што живеат во домови за стари лица. Според неа, доколку не се преземат конкретни мерки, бројот на жртви од топлотните бранови ќе продолжи да се зголемува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот