Топланите ќе продолжат да работат на гас, ама ќе продолжи и загадувањето

Загадување во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Загадување во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Скопје денеска повторно беше на врвот на листата на најзагадените градови на светот со висок индекс на загадување од 166, веднаш после Багдад, Делхи и Пекинг. Зголемените цени на струјата, огревното дрво и пелетите оваа зима се „гарант“ дека во градовите ќе има високо аерозагадување кое веќе се чувствува, иако не се надминати праговите за алармирање. Но, ќе изостане дополнителниот товар од штетни емисии што во амбиенталниот воздух ќе го испуштаа скопските топлани, ако ЕСМ успееше да се префрли на алтернативното гориво дизел, како што посакуваа од раководството на енергетската компанија заради скапата цена на гасот. Но, Минстерството за живота средина неодамна „ги пресече“ тие планови откако министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини им објасни дека процедурата за добивање на нова или измена на постојната А-интегрирана еколошка дозвола трае околу 90 дена.

Од Министерството за животна средина за „Слободен печат“ велат дека досега добиле барање од четири компании за измени во нивните дозволи за работа.

– Процедурата за измени во А-еколошката дозвола трае три месеци и важи за сите, без исклучок. Компаниите што користат гас како енергенс можат да користат алтернативно гориво само во случаи ако има недостиг на гас, а не и заради високата цена на гасот – објаснуваат од МЖСПП.

Министерот Нуредини пред четири дена укажа дека гас има доволно и компаниите треба да продолжат да го користат, а не да размислуваат за помалку еколошки варијанти. Тој додаде дека има процедури кои треба да поминат во Министерството, во кои надлежните ќе проценат дали измените штпо ги бараат компаниите се во согласност со законот.

– Компаниите треба да продолжат да употребуваат гас, бидејќи се што е поевтино не значи дека е добро за граѓаните. Барам сите да бидат свесни и да не одиме назад – рече министерот.

Тогаш тој додаде и дека во Македонија се уште има загадување, но тоа е помало од претходните години, што укажува дека политиките за измена на греењето во болници, полициските станици, градинките и училиштата има позитивен ефект.

Но, неговото тврдење за помало загадување од претходно не може да се верифицира, затоа што на веб-страницата на Државниот мониторинг за квалитет на воздухот веќе цел месец нема податоци за загадувањето во Куманово, Кочани и во Гевгелија. Од Министерството уверуваат дека сите мониторинг-станици работат, а податоците не се видливи на сајтот заради проблеми со софтверот.

– Станиците се во функција. Уверуваме дека зимава сите станици ќе работат и граѓаните ќе имаат увид во квалитетот на воздухт – велат од МЖСПП.

Во изминативе денови на речиси на сите мерни места во Македонија има надминување на максимално дозволената вредност на ситни честички ПМ10. За заштита на човековото здравје среднодневниот просек на ПМ10 не смее да биде повисок од 50 микрограми на кубен метар воздух, а во Скопје, на мерното мести Лисиче во некои денови надминува 100 микрограми. Според податоците од мониторингот, моментно најзагаден македонски град е Струмица, каде во изминативе десетина дена, во три дена средната вредност на ПМ 10 била над 100 микрограми.

За да бидат преземени мерки во некој град потребно е загадувањето со ситни честички да го достигне прагот на алармирање, кој за оваа година е одреден на два дена по ред надмината среднодневната вреднист над 150 микрограми на кубик воздух и добиена прогноза од УХМР дека во наредните денови ќе нема ветер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот