„Топла“ вода

Марко Бислимоски

Вкупно 60% изнесува загубата на водата што ја пиеме на национално ниво. Тоа значи дека од изворот па сè до дома кога ја одвртувате славината за да се напиете чаша вода, попатно се има изгубено повеќе од половина количина на питка вода.
Податокот е поразителен и е слика за нашата лична, политичка и институционална култура и однос кон природните богатства.
Директен повод за оваа колумна беше еден петок во февруари кога цел ден по медиуми се бркавме и убедувавме дали и кој побарал покачување на цената на водата за Скопје и каква ќе биде одлуката и кој ќе ја носи. (Потоа некој друг е виновен за тоа што граѓаните немаа доверба во институциите кога едната вели, јас не побарав зголемување, само трошоци поднесов, а другата, односно ние, ги објавуваме јавно нивните барања.)

Несомнено дали станува збор за намалување или можно зголемување од еден или 100 денари, прашање е на фер однос кон потрошувачите и транспарентност во носење на одлуката, што подразбира и одговорност.

Во состојба кога вредноста на производите и услугите се на удар на инфлацијата, што е последица од енергетската состојба и конфликтот меѓу Русија и Украина, секоја држава, па и нашата реагира со таргетирани мерки за да се стабилизираат цените.

Легитимно е прашањето за цената, но суштината е на друго место – како се доведовме до состојба да ни се губи 60% питка вода?

Малку формален аспект во формирање на цената, иако општеството е презаситено од процедури. Но сакам да ја објаснам процедурата, не за да го лоцирам виновникот туку за да предложам решение.

Секое јавно комунално претпријатија (ЈКП) поднесува барање за цена до Регулаторната комисија за енергетика, каде што секторот Води детално ги анализира пријавените трошоци кои се реални, а кои не, и потоа определува т.н. опсег на цени. Овој опсег подразбира минимална и максимална тарифа, односно колку може минимум да има намалување/зголемување или колку може максимално да има намалување/зголемување. Овие предлог-цени на крај ги гласа Советот на општината од која јавното комунално претпријатие го има поднесено барањето.

И што покажува праксата? Советот на општините кој е составен од претставници од политички партии или самостојни кандидати кои секои избори се борат за мандат, ретко кога носат одлука за корекција на цената на водата, па макар било тоа и за еден, два или десет денари на месечно ниво, затоа што тоа е непопуларно.

Се разбира дека поедноставно и полесно е да се конструира победоносен ПР дека цените се исти, отколку да се објасни аргументирано, транспарентно и отчетно каде се инвестирани парите од зголемувањето од еден, два или десет денари.

И затоа потребно е стручно одредување на конечната цена, за која РКЕ стои на располагање да ја преземе целата одговорност. Ние не се бориме за симпатии на аудиториумот преку ценовно-политички одлуки, туку се бориме за фер-однос кон потрошувачите и услугата што ја добиваат.
Кога ние би ја одредувале конечната цена на водата, без „пинг-понг“ маневри меѓу ЈКП и советите на општините, каде што еден бара, друг предлага, а трет ја носи конечна одлука, РКЕ се нуди да е „крива за сè“.
Ова е еден фер непристоен предлог, да бидам искрен со крај.

Што ќе значи тоа?

Најпрвин ќе значи дека јавните комунални претпријатија нема да бидат фабрики за вработување, и која мајка го има изгубено детето да го најде таму, туку ќе бидат институции кои ќе работат согласно со економските резултати. Дополнително, ќе се следат инвестициите во водоводната инфраструктура што ќе значи дека нема да се доведуваме до ситуација, односно цел ќе ни биде да нема вести во 21 век дека одреден град е оставен без вода поради неинвестирање во водоводната инфраструктура.

Тука би сакал да споделам една реална состојба, која наликува на анегдота. Во едно од туристичките места во земјава Советот не носи одлука за зголемување на цената, за доброто на гласачкото тело, ама за жителите и тоа како е погубно, затоа што во ек на летната сезона една недела местото е без вода поради лошата инфраструктура. Па така зголемувањето од 10 денари на крајната сметка, одлука која не беше донесена „во интерес на народот“, жителите ја преплатија со купување флаширана вода и откажување на туристичките аранжмани.

Ова се клучните причини зошто е повеќе од потребно да се донесат соодветните законски измени за да може РКЕ да ја носи конечната одлука за цената на водата и ние со ова не измислуваме топла вода, туку преземаме европска пракса.

Патриотизам е да се зачуваат природните богатства и да се заштитат потрошувачите, додека ерозијата на квази-морализирањето околу тоа кој го заштитил народот од ценовни шокови нè доведе до 60% загуба на питка вода на национално ниво.

Ние секогаш остануваме на страна на потрошувачите дури и кога беше нејасно беше зошто РКЕ бара евтина струја за хидрофорите за сите ЈКП во општините, евтина струја која, за волја на вистината, ЕСМ ја обезбеди. Целта беше да се амортизира ценовниот шок на вртоглавите берзански цени на струјата на берзите, каде што секое јавно комунално претпријатие ја купуваше.

Марко Бислимоски,
Претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот