15 C
Скопје

Топ книги од македонските писателки Бужаровска, Димковска и Пармаковска

Во летните денови добро е да се освежиме со добра книга од македонски писателки.  

Александар Маџаровски, на социјалната мрежа Фејсбук популарен како „Читачот“, ни препорачува книги од три македонски писателки, достапни во продажба.

– Иако секојдневието во нашава земја не толку често нè радува со убави приказни, сепак, во областа на литературата, можеме да кажеме дека има едно убаво придвижување во однос на локалното творештво и издаваштво. Радува фактот дека сè повеќе се читаат македонски автори, а меѓу нив има добри и успешни писателки. Во случајов, ограничени од просторот и бројот на зборови, ќе претставиме само три писателки, кои дефинитивно го заслужуваат нашето внимание – објаснува Маџаровски.

Румена Бужаровска е веројатно најпопуларна и најчитана македонска писателка во моментов, писателка која успеа да ја прошири читателската публика и во земјите на поранешна Југославија. Таа е читана и популарна на книжевната сцена во Србија и Хрватска, каде што нејзините книги доживуваат повеќе изданија. Бужаровска пишува само кратки раскази и досега има издадено четири збирки: Чкртки (2007), Осмица (2010), Мојот маж (2014) и Не одам никаде (2018). Во нејзините раскази таа на реалистичен начин и во манир на огромен познавач на човечката психа ја прикажува комплексноста на меѓучовечките односи, современите општествени проблеми, предрасудите, исклучувањето, заглавеноста во доминантните локални политички и социјални матрици. Со секоја наредна збирка Бужаровска го изострува нејзиниот стил и го пронаоѓа својот личен раскажувачки глас. Кај неа гледаме влијание од врвните мајстори на американскиот краток расказ, како реализмот и минимализмот на Карвер или гротескното на Фланери О’Конор.

Нејзината последна збирка раскази, „Не одам никаде, во издание на „Или-Или“, според  мене е нејзина најзрела збирка досега и е составена од седум раскази. Меѓу другото, во неа таа се занимава со темата на економската миграција и успева на многу убав начин да ја надмине едностраноста и чувството на инфериорност што кај многумина може да се јави во однос на западниот успешен свет и предизвикувајќи го дефетистичкиот став, кој доминира во нашето општество.

Лидија Димковска е исто така една од неколкуте најчитани македонски писателки, со меѓународна публика и бројни награди. Димковска живее и работи во Словенија и подеднакво е успешна и во поезијата и во прозата. Има издадено неколку збирки поезија и една збирка раскази, а зад себе има три романи и тоа „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016).

фото Фејсбук

Романот „Резервен живот, издаден во 2012 година од издавачката куќа „Или-Или“, за кој Димковска ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“, според мене е нејзиниот најдобар роман. Романот ја следи приказната на две сијамски близначки од Скопје и нивното патешествие кон одвојување и засебен живот, нивната особеност и покрај нужната поврзаност, нивните љубови, стравови, надежи додека се движат кон конечното одвојување. Во овој роман е покриен периодот меѓу 1984 и 2012 година. Во него, низ животот на двете близначки ги следиме и животот и промените во Скопје во тој временски период. Можеби поради тоа што и самиот имам растено и живеено во Скопје во истиот период, романот ми значеше и на едно лично ниво, препознавајќи ги истите места, истите околности и животот на градот во тој период. Ова е еден од ретките романи што го грабнува вашето внимание и го држи до самиот крај. Не се сеќавам дека ми се случило со многу романи да не можам да ја оставам книгата и едвај да чекам да продолжам со читање сè додека не ја завршам.

Фросина Пармаковска е уште една писателка од помладата генерација, која го заслужува нашето читачко внимание. Таа досега има издадено три романи, „Пишувајќи ги изгубените топки (2013), „Вишнова хроника (2014) и „Одбројување (2017), за кој ја доби наградата Роман на годината, овојпат доделена од Фондацијата „Славко Јаневски“.

фото фејсбук

Иако таа ја доби наградата Роман на годината за нејзиниот роман „Одбројување во издание на издавачката куќа „Или-Или“ и секако дека го препорачувам и тој роман за читање, сепак, тука го издвојувам „Вишнова хроника, во издание на истата издавачка куќа. Со зборовите на Лидија Димковска, „Вишнова хроника“ е „хроника на растењето, на пријателството, на љубовта, на случајноста што се претвора во судбина и на судбината што станува случај, а како таков и животна, но и книжевна приказна“. Приказна за напуштање на руралното и детското и наивното, и влегување во светот на демоните на урбаниот живот.

Поврзани вести

Повеќе од три милиони „лајкови“ за Бијонсе: Пејачката воодушевува со своето тело во проѕирен комбинезон

Слободен печат

Семејни дискусии: Препорачливо е да се прескокнат овие теми на разговор со вашите родители

Слободен печат

ВИДЕО: Невеста на која ни Џулија Робертс не ѝ е рамна! Кажа „не“ и побегна, а младоженецот ја гаѓаше со чевелот!

Слободен печат

ФОТО | Кралицата Летиција во фустан стар 15 години: Сè уште совршено ѝ стои!

Слободен печат

ФОТО | Ана Ивановиќ објави фотографија со својата мајка: Фановите воодушевени

Слободен печат

Наташа од Гевгелија ја победи зависноста од хероин од тинејџерскиот период и сега е успешна жена, сопруга и мајка на три деца: Од дното повторно до врвот со мали чекори и упорност

Мими Стојановска

Остави Коментар