Тони Поповски, првиот македонски министер за животна средина: Јас никогаш немаше да дозволам мали хидроцентрали во заштитени подрачја!

Тони Поповски. / Фото: Архива на Слободен печат

Малите хидроцентрали во заштитени подрачја какви што се националните паркови не се дозволени со постојната законска регулатива и прашање е како моите колеги досега се решавале да и предложат на Владата да издаде концесии на места каков што е Националниот парк Маврово, кога тоа се коси со Законот за заштита на природата, вели во телефонски разговор за Слободен Печат првиот министер за животна средина на РМ, Тони Поповски.

– Имам едно непосредно сознание во врска со малите хидроцентрали во Маврово дека Секторот за води при Министерството за животна средина нема дадено позитивно мислење за нив, па не е јасно како одлучил Министерот без позитивно мислење, вели Поповски, кој како меѓународен експерт работи и живее во Брисел.

– Јас како министер не би дал концесија за мала хидроцентрала во заштитено подрачје и очекувам моите колеги така да постапуваат, категоричен е екс-министерот Поповски, кого го побаравме за мислење во врска со претстојното прогласување на Шар планина за национален парк. Има и низа други одредби каде има забрани, како режимот на води, но ако се читаат начелата на заштита, ние одредено подрачје штитиме токму од штетните влијанија на неегзистенцијални инфраструктурни проекти, нешто што не било неопходно, како водовод, систем за отпад и така натаму. Малите хидроцентрали не можат да спаѓаат во таков вид на проекти, вели Поповски.

Според Поповски, сегашните закони нема правна пречка овие објекти да се градат надвор од заштитените подрачја, но само доколку немаат негативно влијание врз хабитатите на живиот свет и на животот локалното население.

– За влијанието на овие објекти врз природата и врз живиот свет треба да се води сметка и за подрачјата кои не се под заштита, каква што е Шар планина до сега. Апсолутно ги осудувам ваквите проекти кои се реализирани само поради бизнис интереси, тоа е примитивно и нецивилизирано, вели Тони Поповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот