Тони Надал со критики кон Ѓоковиќ: Се надевам дека е свесен дека починаа шест милиони луѓе

Тони Надал смета дека Ѓоковиќ мора да објасни како доби дозвола за настап на Австралија Опен/ фото: EPA/FACUNDO ARRIZABALAGA

Вујкото и поранешен тренер на Рафаел Надал, Тони Надал, во колумна за весникот „Ел Паис“ пишуваше за вчерашната вест број еден во светот, тоа е одлуката на австралиските власти да му дозволат на Новак Ѓоковиќ да настапи на гран слен турнирот во Мелбурн иако е невакциниран.

Надал пишува дека е изненаден од веста дека Ѓоковиќ ќе учествува на Австралија Опен и тоа откако му е дадено зелено светло за медицинско изземање.
„Морам да признаам дека до оваа објава мислев дека Новак ќе се откаже од учеството на Австралија Опен или ќе се вакцинира. Но, наместо тоа, „праведноста“ на австралиските власти доведе до тоа на Србинот да му биде дозволено учество во Мелбурн“.

Тони Надал потоа пишува дека причините за медицинско изземање се тенисерот или тенисерката да има некаква алергија на некоја од состојките во вакцината за што мора да има и медицинска документација, но притоа додава дека Ѓоковиќ има право својата медицинска историја да ја чува во тајност.

За Шпанецот е „тотална мистерија“ процесот на Ѓоковиќ за добивање дозвола за настап на Австралија Опен и смета дека доколку дошло до било каква злоупотреба тоа мора да биде откриено на суд за да се утврди дали станува пропуст на властите во Австралија или „јасна намера на играчот“ да се заобиколат правилата.

„Таа контроверза би требало да биде разјаснета доколку сите учесници во овој случај сакаат да бидат искрени. Речиси шест милиони луѓе го загубија животот од овој проклет вирус. Сакам да мислам дека Новак го знае тоа и дека како знак на човечност и разбирање кон другите, ќе ја објасни ситуацијата. Би било добро кога Ѓоковиќ ќе даде некакво објаснување бидејќи не верувам дека имало некакви нерегуларности. Новак нема обврска да дава приватни информации, но во исто време мора да биде свесен дека во овој момент светот е во сериозна здравствена криза и глобално луѓето патат“, пишува вујкото на Рафаел Надал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот