ТОНЕ ЛИ МАКЕДОНИЈА ВО СИРОМАШТИЈА? 460.000 граѓани немаат ни за леб, спасот го гледаат во хуманитарните здруженија

Светот денеска го одбележува Денот на гладот. Според последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), преку 821 милиони луѓе страдаат од хронична неисхранетост. Гладувањето и понатаму е секојдневие за 155 милиони деца на возраст под пет години, а околу 45% од смртните случаи кај новороденчињата се поврзани со неисхранетост. Причина за ваквата ситуација од ФАО се бара во конфликтите, екстремните климатски настани и економската стагнација, која го враќа назад напредокот направен во борбата против гладот во светот.

Во Македонија бројот на граѓани кои не можат да си обезбедат храна од 445 000 во 2016 година, достигна број од 460.000. Од друга страна додека се фрла голема количина храна. Според некои податоци, околу 30 отсто од произведената или увезената храна во Македонија е со поминат рок и завршува во отпад, а не кај оние на кои им е потребна.

Институциите сметаат дека потребно е преземање конкретни активности на национално и локално ниво за намалување на бројот на сиромашните и гладните.

Mрежата „Сите сити” изминатава година воспостави систем кој треба да овозможи вишоците на храна, наместо во ѓубре, да завршуваат кај ранливите категории и семејствата на кои им е потребна.

Ситемот го поддржаа и Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации, со цел да се види неговата одржливост и евентуално да се размислува од привремено да стане системско решение.

– Станува збор за систем кој има за цел вишокот храна која е во добра состојба и безбедна, да не заврши на депониите, туку да се пренамени онаму каде е неоходна. За големината на промената зборува фактот што изминатава година 400 илјади оброци, односно 100 килограми храна се донираа на повеќе од 4 илјади граѓани, објасни координаторот на мрежата „Сите сити”, Блаже Јосифовски.

– Овој систем треба да ги промени состојбите и фактите кои покажуваат дека Македонија е земја која е на 10 место во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460 илјади граѓани живеат под праг на сиромаштија и не можат да си обезбедат три оброци дневно, додава Јосифовски.

Покрај мрежата „Сите сити“, во државава функционираат уште неколку хуманитарни организации кои успешно ја водат борбата против гладот. Едно од нив е „Вистински дела на љубезност“ кои денеска пред маркетот Веро во Аеродром и утре пред Тинекс во ТЦ Зебра, ќе организираат пунктови за собирање храна и облека наменети за сиромашните. Акциите ќе продолжат и на 20 октомври, повторно пред Тинекс во ТЦ Зебра, и на 27ми и 29ти октомври, пред Тинекс во Карпош 3.

Црвениот крст на Македонија од денес до 22 октомври ќе ја одбележи Неделата на борба против гладот. Во рамки на кампањата ќе бидат организирани хуманитарни акции за обезбедување донации во парични средства и храна во соработка со стопанските комори во Република Македонија, поддржани  на компании, со  образовно – воспитните институции, здруженијата на граѓани, и  граѓани.

Донираните средства од хуманитарните акции ќе бидат наменети за обезбедување на храна за помош на ранливи целни групи на население во заедниците во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот