Тодоровиќ и сопругата се спогодија за лажното сведочење во случајот „Талир“, добија условни казни

Фото: Giceto / Wikipedia

Поранешниот градоначалник на Центар и сопственик на компанијата „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ и неговата сопруга се спогодија со Обвинителството откако беше утврдено дека дале лажно сведочење и ја попречувале правдата во случајот „Талир“. Тие добија алтернативни мерки – условни казни затвор од две години, односно од шест месеци, а треба да ги платат и судските трошоци, објави БИРН.

Во пресудата на Кривичниот суд во Скопје, пишува дека обвинетите се спогодиле со скопската обвинителка Елма Сулејман, а судот подоцна таа спогодба ја потврдил во пресуда. Трите судијки: Џенета Бектовиќ, Славица Андреевска и Верка Петковска, оцениле дека условната казна за Тодоровиќ и за сопругата се доволни.

Пресудата е правосилна, а во неа се додава дека сопругата на Владимир Тодоровиќ, во 2020 година во скопски ресторан договорила средба со сопруга на друг сведок.

„Предала два листа испишан компјутерски текст на латиница, кои содржеле насоки за тоа каков исказ треба да даде лицето А. Н. на главната расправа пред Кривичниот суд во Скопје“, се вели во пресудата, според БИРН.

Тоа значело дека сведокот што го договарала брачната двојка, пред судот требало да сведочи различно од она што било сведочено во истрагата пред јавниот обвинител. Ова е вторпат поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, да избегне директно судење. Претходно, во 2018 година, по истражната постапка што ја спроведе Финансиската полиција, тој во буџетот врати 436 илјади евра поради тоа што ја оштетил општината за изградба на барокниот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.

Во изминатиот период, со обвинителството се спогодија и „капиталците“ Сашо Мијалков, Орце Камчев, како и Ненад Јосифовиќ и Тодор Мирчевски во предметот „Империја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот