Тодоров: Доста корисен тест пред Естонија и Русија!

фото: kfsm.mk

Македонската машка сениорска репрезентација успешно ја реализираше првата и единствена проверка во подготвителниот период..

Како дел од планот на подготовките за она што следува на 20., односно 23. февруари, односно првите дуели од квалификациите за ЕП 2021, нашиот сениорски национален тим ја имаше првата „контрола“ на сработеното во изминатиот период.

В четврток (20. февруари) нашите најдобри кошаркари против Естонија во главниот град од 20.15 часот ќе го започнат квалификацискиот циклус, а три дена подоцна во Перм сме гости на Русите.

Во плановите на селекторот Александар Тодоров и неговите соработници беше одигрување на еден контролен натпревар. А во улога на спаринг-партнер во неделата навечер во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, беше второпласираната екипа во Првата лига – Гостивар.

– Благодарност до раководството, стручниот штаб и играчите на Гостивар кои ја прифатија нашата сугестија, дојдоа во Скопје за да спарингуваме во овие 40 минути – рече Тодоров, по успешно реализираната замисла.

Минути во кои селекторот сакаше и ги испроба сите 15. кандидати за националниот тим кого за неколку дена, на 20. февруари (четврток), го очекува и првиот меч од „Б“ квалификациската група против селекцијата на Естонија.

– Оваа проверка беше планирана уште во оној првичен план на подготовките. Со оглед на зафатеноста на репрезентациите во нашето опкружение, се решивме на ваква варијанта. Гостивар има тим кој може идеално да парира, со оглед на тоа што зад нас се само неколку тренинзи. Затоа сето ова може да го оценам како доста корисен тест во кој можев да видам до каде сме, до кое ниво на подготвеност сме пред оваа недела, и тоа како важна за сите нас – додаде предводникот на нашиот национален тим.

Тодоров не сака да дава поединечни оценки на „одработеното“.

– Нема потреба за такво нешто. Информациите ги задржуваме за себе, во насока на креирање на оние следни чекори, и планираното за финалниот дел од подготовките. Имаме уште неколку денови за тренинг пред нас. Ќе ги искористиме максимално. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа за она што следува во четврток, односно недела. Ќе анализираме заедно со моите соработници. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде сметаме дека тоа може да биде и подобро. Се во насока максимално подготвени да ги дочекаме дуелите со Естонија и со Русија – заклучува Тодоров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот