Точно е – се обидуваме да го убиеме Путин и тој е свесен за тоа, вели вториот човек на украинското воено разузнавање

Фото: gur.gov.ua / Бабель

Вториот човек во командата на украинската воена разузнавачка служба изјави дека нејзините агенти активно се обидуваат да го убијат Владимир Путин и дека рускиот претседател е свесен за тоа.

Вадим Скибитски, заменик-шефот на украинското воено разузнавање ова го изјави во интервју за германски „Велт“. Неговото признание доаѓа во исто време со сторијата на „Њујорк тајмс“, во која весникот, повикувајќи се на американски разузнавачи, објави дека Киев веројатно стои зад нападот со дронови на Кремљ на почетокот на месецов, кој, како што тогаш се тврдеше, претставувал обид за атентат врз Путин.

Скибитски е прв претставник на украинските власти што признал дека постојат активни обиди да се ликвидира рускиот претседател. Официјално, Киев и натаму негира вмешаност во инцидентот во Москва, нарекувајќи го „чуден напад“. Русија, од друга страна, цело време тврди дека Киев го организирал нападот.

„Путин гледа дека сме сè поблиску и поблиску, но исто така се плаши дека сопствениот народ ќе го убие. Многу луѓе во Русија сè уште ја поддржуваат оваа „специјална операција“, но благодарение на социјалните мрежи и телефонските проверки, знаеме дека Русите се исплашени бидејќи многу луѓе загинаа“, рече Скибитски во интервјуто.

Тој вели дека украинските шпиони активно се обидуваат да го ликвидираат и шефот на руската паравоена формација „Вагнер“, Евгениј Пригожин.

„Наш приоритет е да се елиминира командантот на единицата кој им наредува на своите луѓе да нападнат. Се обидуваме да го убиеме Пригожин. Путин е на врвот на украинската листа за отстрел. Тој е број еден бидејќи координира и одлучува што ќе се случи. На крајот секој ќе одговара за своите постапки, како рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Тој го планираше нападот на Украина“, кажа Скибитски.

На прашањето дали Киев руските пропагандисти, олигарсите или цивилите исто така ги смета за валидни мети, Скибитски одговори: „Ние сме во војна и тоа се наши непријатели. Ако важна личност произведува и финансира оружје за Русија, тогаш елиминацијата на таа личност би спасила животи на многу цивили. Според меѓународните конвенции, тоа е легитимна цел“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот