Точка и нов ред

Атанас Костовски, Фото: Архива

Сега на граничните премини кај Ново Село и Деве Баир можеби треба да поставиме паноа: Добредојдовте, драги соседи во државата на која вашата влада прва ѝ ја призна самостојноста и прва ѝ го попречи патот за влез во Европската Унија!

Го запаметив овој дијалог во една гранап продавница во моето Пехчево во времето кога се купуваше по список и со бонови.

– Љубо, и денеска си многу убава…

– Точка, Миле – му одговара црнокосата Љуба на продавачот.

– Ама после точка, иде нов ред. Љубо, кој ли ти ги милува тие твои црни коси – вели Миле.

Дојде време за нов ред. Драгите ни источни соседи предводени од двоецот Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов кај и да гостуваат, на ТВ, на Радио, по многубројните портали, во весниците, ама на секаде, веројатно и заспиваат со наизуст наученото:

– Ние Бугарите први ја признавме самостојноста на нашите браќа од Македонија, ние финансиски им помогнавме за време на блокадата, и со тенкови за време на кусиот воен конфликт во 2001 година, ние целосно застанавме на нивна страна за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија, ние многу направивме за Македонија во време на нашето претседателство со ЕУ…

Точка, госпожа Екатерина и господине Красимир. Ви благодариме за тоа или, ако повеќе милувате, мерси и благодарја.

Но, по точката иде нов ред, зар не? Ставивме точка на она што го направи правителството на Жељу Желев, но што ќе напишеме во новиот ред? Нашите драги соседи останаа верни на традицијата, сакаат секогаш да бидат први! Новиот ред со малку зборови кажува многу!

Во декември 2020 година Бугарија е единствената меѓу 27-те членки на Европската Унија што не се согласи нивниот западен сосед да се појави на стартната преговарачка линија во долгата трка до целта за влез во европската заедница на народите. Квартетот Радев, Борисов, Захариева и Каракачанов докрај ја испеаја својата замислена арија.

– Не споменав вето – така вели деновиве госпожа Екатерина. Ова како да заличува на кажаното од времето на бате Тоше „тзи дупка не е дупка“!

Сега на граничните премини кај Ново Село и Деве Баир можеби треба да поставиме паноа, свртени кон исток, со следната содржина: Добредојдовте, драги соседи во државата на која вашата влада прва ѝ ја призна самостојноста и прва ѝ го попречи патот за влез во Европската Унија! Но, и во времето на Жељу Желев и сега во времето на Румен Радев, географски ништо не се менува: Добредојдовте во првата, за вас, западноевропска земја!

Точка. Новиот ред, редно е да го пишуваат источните соседи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот