Тивките херои од „градската“ болница
Здравствените работници на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, попозната како „градска болница“, го преземаа товарот на лекување на болните од друга болест, како и пациентите со повреди. Од јануари до денес на оваа клиника се лечеле околу 73.000 пациенти, а бројот на изведени операции е од 150 до 200 месечно.
– Морам да ја истакнам посветеноста на нашиот медицински кадар. Задоволен сум како издржавме целиот овој период. Постојано се соочувавме со пациенти за кои не знаевме дали се заразени со ковид, пожртвуваноста на персоналот беше исклучителна. Имавме притисок од бројните пациенти, но од друга страна – и да ги запазиме препораките за лична заштита – вели за „Слободен печат“ д-р Љубен Арсенков, субспецијалист по абдоменална хирургија и в.д. директор на Клиниката.
Арсенков додадава дека ниту едно одделение не било затворено во ниеден момент.
– Карактеристика за нашите пациенти е што околу 80 проценти од нив доаѓаат без упат, но никого не сме вратиле, ниту ќе вратиме. Ние сме институција која не смее и не сака да ги враќа болните. Со нашата работа во oвој период покажавме дека оваа клиника е неопходна за третирање на хируршките болни не само од Скопје, туку и од внатрешноста. Апсолутно сме неопходни во системот – вели Арсенков.
Локацијата на болницата во центарот на градот на некој начин влијае граѓаните да бараат помош со секакви тегоби – од прединфарктни состојби до убоди од оси и пчели. Сепак, најголем број од пациентите имаат потреба од хируршка интервенција.
Пандемијата кај персоналот од оваа клиника поттикнала солидарност, чувство на припадност и желба да се направи успешна приказна.
– Ние имаме и професори и сме наставна база на Медицинскиот факултет при УКИМ. Нашите млади специјализанти се извонреден млад стручен кадар, кој гарантира успешна работа и наредните години. Сакам да верувам дека вработените ја чувствуваат институцијата како свој втор дом, а доколку навистина е така, тоа би било една од најголемите придобивки и потврда за досегашниот ангажман – вели докторот.
Министерството за здравство на почетокот на пандемијата ја одреди оваа клиника да лечи пациенти кои имаат хируршки потреби, а не се ковид-позитивни.
– Ние не можеме да ги тестираме сите пациенти кои ќе дојдат на преглед во клиниката. Она што можеме да го направиме е еден вид тријажа, мериме температурата при влезот во болницата. Сме оперирале и ковид-позитивни и потоа сме ги праќале во установа одредена за тоа. Немавме внатрешна трансмисија меѓу персоналот и успеавме да го зачуваме, а има 350 вработени, од кои 280 медицински работници. Спречивме кадарот да заминува, а имаме и одреден прилив на кадар, што го сметам за голем напредок – потенцира директорот.
За девет месеци донации од 400 илјади евра
Годинава во Клиниката се реализирани бројни донации и градежно-реконструктивни зафати од општествено одговорни компании. Фудбалската федерација на Македонија подарила три санитетски возила во вредност од 130.000 евра.,,Макпетрол” донирал две сензорски врати во прифатниот дел од клиниката, новата внатрешна фасада во вредност е донација на „Еколог“, а ЕВН донирала перфузори за интензивна нега. Зегин и Synergy ги опремиле сите вработени со униформи, а „Комед“ дарувал најсовремен електрокоагулатор… Вкупната сума на донации од 17 јануари до денес е 403.000 евра. Во соработка со Министерството за здравство, благодарение на германската амбасада, клиниката е доопремена со три најсовремени респиратори, вредни 150.000 евра.
– Еден мој пријател донираше 30.000 евра, а сакаше да остане анонимен. Господинот Кочо Анѓушев донираше болнички мебел – ни рече д-р Арсенков.
Од следниот јануари се подготвуваат да ги вратат во употреба реновираните болнички соби, односно 40 проценти од капацитетот кој пет години не функционираше, како и да се реновираат пет операциони и сали со интензивна нега.