„Титаник“: ВМРО-ДПМНЕ не жалела пари за реклами

Фото: МИА

За два часа, обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Лиле Стефанова успеа на глас да прочита дури 500 материјални докази. Овој неофицијален судски рекорд се случи на денешното рочиште од процесот на СЈО познат како „Титаник“ кој е во доказна постапка. Материјалните докази Стефанова почна да ги чита од 19 декември минатата година кога беше завршено со читање на СМС пораките на обвинетите.

Во овој случај има вкупно 5.900 докази како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи, а кои се однесуваат на незаконското финансирање на политичка кампања на ВМРО-ДПМНЕ од 2013 година.

Од досега презентираните докази, обвинетите, но и јавноста имаше можност да дознае дека таа година, за само три дена, на сметката на ВМРО-ДПМНЕ биле уплаќани пари на име „донација“, најголем број од финансиерите биле граѓани. Исто така се дозна дека и посочената партија не била скржава во плаќањето. Така таа исплаќала пари на фирми кои и изнајмиле рекламен простор, а најголем дел од парите ги дала за финансирање на своите аудио и видео спотови и партиски реклами во локални телевизии ширум земјава, но за рекламирање им плаќала и на портали.

Дел од парите биле исплатени и на пејачи кои имале свои настапи на трибините со народот. Пари од партијата добила и „Македонски железници“, но засега е тајна како МЖ помогнала во рекламирањето на партијата. Стотици уплати за финансирање на партијата биле извршени во еден ден. Станува збор за 21 мај 2013 година, а дел од уплатите биле извршени и два дена порано.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот